Во рамки на проектот “Социјална отчетност за родова еднаквост” граѓаните на општините Струмица, Битола, Тетово и Свети Николе спроведоа процес на мапирање на заедницата во кој идентификуваа лица кои се потенцијални корисници, односно корисници на мерките за вработување предвидени до Акцискиот План за вработување на Агенцијата за вработување на РМ за 2017 година.
Процесот на мапирање на заедницата е спроведен од локалните организации: Организацијата на жени на градот Струмица, Женскиот Форум Тетово, Младинскиот Културен Центар Битола и Граѓанската Иницијатива на Жени од Свети Николе, а фацилитиран од Здружението ЕСЕ и Акција Здруженска.
Мапирањето на заедницата претставува иницијален чекор во спроведувањето на методологијата за мониторинг во заедницата, која ќе им овозможи на граѓаните активно да учествуваат во следење, мерење и оценка на тековните мерки за вработување кои ги спроведува Агенцијата за вработување на РМ, како и активно да бараат креирање и имплементација на мерки согласно нивните реални потреби. Оваа активност е поддржана од Европската Унија.