12 јануари, 2016 година, во просториите на ИРЗ Тетово, Акција Здруженска потпиша договори за доделување на грантови со две граѓански организации, Женски Форум Тетово и Центар за Женски права – Етика од Гостивар, кои ги добиваат овие средства за спроведување на застапувачки акции чија цел е унапредување е родовата еднкавост.
Финансиската поддршка е обезбедена во рамките на проектот „Меѓугранична еднаквост и родова интеграција“ финансиран од ЕУ, спроведуван од Акција Здруженска и Институтот за развој на заедницата од Тетово.
Женски Форум Тетово, доби средства во висина од 4970 евра за проектот „Со економско зајакнување кон родова еднаквост“ кој го спроведува во соработка со Златна Рака Тетово и Здружението на занаетчии и бизнисмени од Призрен. Целта на проектот е промовирање на економско зајакнување на жените како фактор за подобрување на родовата еднаквост.
Центар за Женски права – Етика од Гостивар, доби средства во висина од 5000 евра за проектот „Локален активизам за унапредување на родовата еднаквост и вклучување на младите на одлучување на локално ниво“ кој го спроведува во соработка со Женски Центар од Гостивар и НВО Фортеса од Гњилане од Косово. Целта на проектот е подигнување на свеста кај младите девојки за родова еднаквост и вклучување во процесите за одлучување на локално ниво.
Проектите ќе се реализираат во периодот јануари – јули 2016 година.
Финансиската поддршка се доделува со цел да се зајакнат нивните капацитети за мобилизација на поддршка од различни чинители во заедницата и спроведување на иницијативи за воведување на принципот на родова еднаквост во политиките и праксата на општините во кои дејствуваат. Воедно, поддршката треба да придонесе и кон воспоставување на врски и соработка со сродни граѓански организации од Косово.
Во функција на зајакнување на соработката и промоција на родовата еднаквост на регионално ниво, организациите ќе бидат вклучени во настани за прекугранично поврзување и вмрежување со организации од Косово, размена на информации и искуства и дебата со различните заинтересирани чинители од двете страни на границата.