Вкупно 9 женски активистки и истражувачки, претставнички на женски организации од пет македонски општини (Битола, Гостивар, Тетово, Дебар, Свети Николе) вклучени во проектот „Родова рамноправност во локалните буџети“, беа дел од тридневната работилница организирана од Акција Здруженска за проценка на прибраните материјали и финализирање на извештаите од следењето на работата на општините во процесот на подготовка и усвојување на програмите и буџетот за 2016 година. Работилницата се одржа од 12-15.05.2016 во Хотел Тино – Свети Стефан во Охрид и беше под целосно менторство на тимот на Акција Здруженска, кој ги водеше одделните групи низ целиот процес на прибирањето на податоците и изработка на извештајот и даваше редовен фидбек.
Учесничките на работилницата во своите извештаи имаа задача да дадат конкретни препораки до локалните власти за третманот на прашањето кое го следеа како и генерално кон подобрување на третманот на прашањата врзани со промоцијата на родовата еднаквост, базирани на клучни наоди и заклучоци од следењето на процесите на годишното планирање на општинате. Речиси во сите општини, најчестата препорака беше да се почитува динамиката предвидена во буџетскиот календар и да се промовира поголема вклученост на граѓаните и граѓанските организации во процесите на планирање и подготовка на програмите и буџетот.
Оваа работилница следи по реализираната менторска програма „Родот во буџетското планирање“ и неколкукратни консултативни средби на тимот на Акција Здруженска со мониторинг тимовите. Работилницата е одржана во рамки на проектот „Родова рамноправност во локалните буџети“ поддржан од проектот на УСАИД за граѓанско општество кој го спроведува Фондацијата Отворено општество – Македонија.