На иста маса 58 активстки, претставници на клучните меѓународни актери, локални и национални институции на конференцијата организирана од Здружението за унапредување на родовата еднаквост Акција Здруженска, на 28 септември 2016 во Скопје го отворија прашањето за состојбите со родовата еднаквост и положбата на жената во нашето општество и ги преиспитаа потенцијалите на тековните политики со цел изнаоѓање можни стратегии кои треба да ги имплементира граѓанското општество за постигнување на реални промени во поглед на остварување на родовата еднаквост.
Во рамките на првиот панел „Ефективност на политиката за родова еднаквост – Каде сме сега?“– свои излагања имаа претставнички на три генерации феминистки од Македонија и една претставничка од Косово. Фокусот беше на перспективите на граѓанското општество за потенцијалите на тековните политики за постигнување на промени кои се однесуваат на зајакнување на жените, пристап до моќ, ресурси и услуги и јавен дискурс (норми и вредности). Се дискутираше за клучните контекстуални предизвици и можните стратегии за трансформација кои треба да ги имплементитра граѓанското општество.
Во делот на вториот панел „Заложби за родовата еднаквост – локална, национална и регионална перспектива“ – свои обраќања имаа претставнички на UN WOMEN, EU Delegation, NALAS и резидентниот советник на твининг проектот на ЕУ „Поддршка за имплементација на родовата еднаквост“. Се расправаше за најновите случувања, политики и заложби на клучните меѓународни актери на полето на родовата еднаквост на глобално и регионално ниво. Беа презентирани информации и видувања за нивните идни политички приоритети, ресурси и стратешки можности за соработка со граѓанското општество во Република Македонија.
Последниот панел „Гласот на локалните жени“- обезбеди простор за локалните организации и локалните жени од Македонија и Косово да ги дискутираат прашањата врзани со нивните заеднички приоритети, стратегиите за социјално поврзување и можностите за соработка, вклучувајќи и прекугранично вмрежување.
Од конференцијата произлегоа идните насоки на дејствување за промовирање на родовата еднаквост како вредност, а не како бирократска обврска при што беа понудени конкретни решенија за тоа како ние како граѓански сектор кои во фокус ги имаме правата на жените да се позиционираме во однос на поширокиот политички, економски и социјален контекст како и во однос на клучните предизвици со кои се соочуваме.
Регионалната конференција беше реализирана во рамки на Проектот „Меѓугранична еднаквост и родова интеграција“, поддржан од ЕУ во рамките на ИПА инструментот за прекугранична соработка меѓу Македонија и Косово. Проектот го реализира Акција Здруженска, во партнерство со Косовскиот центар за родови студии, Институтот за развој на заедницата од Тетово и Центар за советување и поддршка на жените Дора Дорс од Призрен.