34 активистки, истражувачки и претставнички на локалните власти од Македонија и Косово, на тркалезна маса организирана од Здружението за унапредување на родовата еднаквост Акција Здруженска на 27 април 2016 во хотел Солун во Скопје, дебатираа за состојбата и клучните предизвици за жените на пазарот на трудот, како и за можните правци и стратегии на дејствување за подобрување на лошата состојба. На тркалезната маса беа претставени резултатите од истражувањето „Состојбите со родовата еднаквост на пазарот на трудот, достоинството, интегритетот и родово заснованото насилство во Полошкиот Регион“, а беа споделени и податоци за истата состојба на Косово.
Сексуалното малтретирање на жените на работното место се издвои како сериозен проблем кој не е соодветно адресиран ниту во секојдневието, ниту во легислативата. „Полово вознемирување е луд начин да се именува еден толку сериозен проблем како што е сексуалното малтретирање на работното место! Последиците од овој проблем се многу сериозни“, изјави Марија Савовска, извршна директорка на Акција Здруженска. Според Савовска, проблем е што во законот „сексуално“ е заменето со „полово“, а најголем проблем останува докажувањето на самото насилство.
Според Викторија Боровска од Институтот за општествени и хуманистички науки – Скопје, профилот на жртвите ги вклучува младите жени, жените кои се вработени на усен или хонорарен договор, жените во приватниот сектор, жените кои се наоѓаат на средината или на пониските позиции (хиерархиски) во фирмата. „Во повеќето случаи од моите истражувања, жените беа жртви на насилство извршено од страна на претпоставените, односно авторитетите. Жените коишто се среќаваат со вакви проблеми или самите даваат отказ, или се отпуштени од работа. Но, факт е дека жените ги губат своите работни места поради сексуалното малтретирање, чие жртви се тие самите“, изјави Боровска. Препораката за подобрување на ваквата слика е насочена кон економското јакнење на жените, со што би се намаил бројот на жени-жртви на сексуално насилство на работните места, бидејќи профилот на жените кои што претрпеле вакво насилство секогаш се во подредена позиција на работното место во однос на насилниците, и хиерархиски и финансиски.
Дивна Змејковска од Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените алармираше дека жените го трпат сексуалното насилство поради стравот од губењето на работно место (дали ќе може да најде друга работа?), срамот од околината и семејството, стравот дека ТАА ќе биде обвинета за предизвикување на овој тип на однесување од претпоставениот маж, како и поради недовербата во институциите. Препораката на Змејковска вклучува организирање на што повеќе јавни расправи и дебати на оваа тема, со што би се подигнала свеста за постоењето и сериозноста на проблемот, но и поефикасно синдикално здружување кое би застанало во одбрана на жртвите.
Косовските жени се соочуваат со слични предизвици на пазарот на трудот. Според Љуљета Демоли, директорка на Косовскиот центар за родови студии, жените од Косово исто така се недоволно вклучени во пазарот на трудот, дискриминирани во однос на јазот во платите и имаат ограничени образовни и економски можности, поради што во моментов тие претставуваат неискористен човечки ресурс. Демоли ја истакна потребата од поефикасна примена на законите и политиките за унапредување на родовата еднаквост на локално ниво, но и придобивките од прекуграничната соработка во цивилниот сектор за подобрување на економската состојба на жените и во двете земји.
Тркалезната маса е реализирана во рамките на Проектот „Меѓугранична еднаквост и родова интеграција“, поддржан од ЕУ во рамките на ИПА инструментот за прекугранична соработка меѓу Македонија и Косово. Проектот го реализира Акција Здруженска, во партнерство со Косовскиот центар за родови студии, Институтот за развој на заедницата од Тетово и Центар за советување и поддршка на жените Дора Дорс од Призрен.
ЗАКЛУЧОЦИ И ПРЕПОРАКИ ОД ТРКАЛЕЗНА МАСА 27.04.2016
KONKLUZIONE DHE REKOMANDIME NGA TRYEZA E RRUMBULLAKËT 27.04.2016