Во оваа публикација се поместени збирните наоди од мониторинг на процесот на програмирање и буџетирање за 2018 во општините Струмица, Кавадарци, Радовиш, Центар и Карпош. Мониторингот е спроведен од страна на Организација на Жени-Струмица; ОЖ Визија-Кавадарци; Женска Акција-Радовиш и Една Може-Скопје, преку учество во стандардизиран модел на зајакнување на организациите спроведен од Акција Здруженска, кој подразбира активен ангажман во идентификација, следење и застапување на приоритетните потреби на жените од локалната заедница кај локалните власти.
Публикацијата е подготвена во рамките на проектот „Застапување на родово инклузивни локални буџети“ кој е поддржан од Цивика мобилитас, проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), кој го спроведуваат NIRAS од Данска, Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) од Македонија и Шведскиот институт за јавна администрација (SIPU) од Шведска.
Општата цел на проектот е да го унапреди третманот на родовите прашања во буџетското планирање на локално ниво преку зајакнување на капацитетите и поддршка на локалните женски невладини организации за следење и застапување на родовата еднаквост во буџетските процеси.