На 14 декември 2017 година, Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените (ЕСЕ) и Здружението за унапредување на родовата еднаквост “Акција Здруженска”, склучија договори за доделување грантови со четири граѓански организации од Струмица, Битола, Свети Николе и Тетово, во рамките на проектот “Социјална отчетност за родова еднаквост”, финансиски поддржан од Европската Унија ИПА Инструментот за граѓанско општество и програма за медиумите 2015 – Поддршка за граѓанските организации во рамките на инструментот за акција во граѓанското општество 2015 .
Почнувајќи од јануари 2018 година, ЕСЕ и “Акција Здруженска”; Граѓанска иницијатива на жени ГИЖ Свети Николе; Организација на жените на општина Струмица; Здружение Женски Форум Тетово и Младинскиот Културен Центар од Битола заеднички ќе работат со граѓаните од овие општини со цел да се унапреди нивниот пристап до активните мерки за вработување на АВРМ.
Финансиската поддршка се доделува за мониторинг и оценка од заедницата на планирањето и имплементацијата на три селектирани активни мерки за вработување (Самовработување, Македонија вработува и Услуги за вработување на АВРМ) за 2017 и 2018 година, како и застапување со цел унапредување на родовата еднаквост при планирањето и имплементацијата на мерките, а врз основа на собрани наоди и препораки од заедницата. Преку примена на иновативни методологии за мониторинг на заедницата, организациите ќе работат на мобилизирање и зајакнување на капацитетите на околу 1600 граѓани, со цел тие самостојно да бараат: отчетност од институциите вклучени во креирањето, усвојувањето и имплементацијата на буџетите и мерките за вработување; отвореност и вклучување во процесите на креирањето, усвојувањето и имплементацијата на буџетите и мерките за вработување; крирање на буџет и мерки за вработување кои ќе одговараат на нивните реални потреби; неселективност и системско спроведување на мерките за вработување; ефикасно, економично и ефективно спроведување на буџетот и мерките за вработување; почитување на основните принципи на недискриминација, алокација на максимално расположливи ресурси и прогресивна реализација на буџетот за вработување; итн.