Здружението на граѓани Акција Здруженска од Скопје во соработка со активистките од Дебар, организираше форум на тема: Политики и практики за родова еднаквост во Општина Дебар, кој се одржа на 27.03.2007 во просториите на Стопанска Банка – филијала Дебар од 12:00 до 14:30 часот.
На форумот, кој е дел од серијата вакви средби организирани во рамките на програмата Развој и поддршка на иницијативите на активистките од локалните заедници, беше предвидено учество на Градоначалникот, Членови/ки на Советот на Општина Дебар, како и претставници/чки на релевантни институции и женските НВО.
Целта на форумот беше презентирање на наодите и препораките од студијата Родовата еднаквост и локалната самоуправа – Општина Дебар. Воедно, форумот обезбеди простор за дискусија во однос на можностите за инкорпорирање на препораките во политиките и практиките на локалната самоуправa, а во согласност со локалните специфики на Општина Дебар.
Оваа студија е резултат на заедничките напори на Акција Здруженска и активистките од Дебар, изработена со цел да овозможи подетален увид во постојните политики и практики на локалните власти во третирањето на родовата нееднаквост.
Оваа средба претставуваше можност за понатамошно градење партнерства помеѓу активистките и локалната самоуправа во насока на
идентификување приоритети за институционално решавање на проблемите кои се јавуваат како последица на родовата нееднаквост во заедницата.
Фотогалерија: