Во периодот ноември 2005- март 2006 година, во рамките на проектот е-рајдери на Фондацијата Метаморфозис, за членките на Здружението на граѓани Акција Здруженска- Скопје беа спроведени неколку вида на обуки за користење на ИКТ. Цел на обуките е јакнење на капацитетите на здружението за оптимално искористување на информатичко- комуникациските технологии (ИКТ) како средство за поефикасно извршување на неговите активности и остварување на мисијата на Акција Здруженска. Видот на обуките беше утврден по претходно извршена анализа на потребите за учење на здружението и евалуација на моменталната состојба од страна на е-рајдерот на Метаморфозис. Дел од обуките се однесуваа на потребата за непречено ажурирање на веб сајтот на здружението, за што беа инсталирани и се одржаа обуки за Open Office, The Gimpt, Microsoft Front Page и конвертор. Беа опфатени и обука за работа со мрежи и поедноставно користење на периферните уреди, обука за Microsoft Office Power Point, Outlook Express и Microsoft Office Word, а претстои обука за Microsoft Office Excel. Во рамките на проектот е-рајдери, Акција Здруженска воспостави континуирана соработка со е-рајдерот на Метаморфозис која се состои во посети на здружението и непосредни интервенции за примена на техничка експертиза и пренесување на знаења и вештини.