Целта на овие студии е да го постави прашањето на родовата еднаквост во општините во Република Македонија во контекст на процесите на децентрализација (деконцентрација, делегирање, деволуција) на власта, надлежностите и средствата на единиците на локалната самоуправа. Тоа значи неколку работи: да се преиспита начинот, односно постојните политики и практики во приодот кон родовата еднаквост, а особено статусот и положбата на жените во општините (политичката волја, посебните тела и комисии, стратешките документи, начините на информирање за статусот и за положбата на жените и на мажите во сите сфери на живеењето); да се анализираат новите организациски и управувачки структури кои одговараат на трансформациите на локалната самоуправа, иницирани од процесите на децентрализацијата, и да се дадат на увид тековните стратешки приоди кон прашањето на родовата еднаквост разгледувани во теориите, но и од меѓународните организации, како што се Обединетите нации или Европската унија. Според горенаведените задачи, прашањето на родовата еднаквост во општините треба да се постави на еден сосема поинаков начин, така што ќе ги рефлектира новонастанатите услови во функционирањето на локалната власт. Во пресрет на реалната примена на Законот за локалната самоуправа, односно во пресрет на локалните избори во 2005 година, како и по формирањето на органите на единиците на локалната самоуправа во согласност со Законот за територијалната организација на локалната самоуправа во Република Македонија, беа организирани многу конференции, семинари и состаноци и беа испечатени голем број т.н. прирачници во кои се расправа за децентрализацијата, за новите надлежности и за организациската поставеност на управувањето со општините. Она што недостигаше во рамките на тие настани беше прашањето на родовата еднаквост. Освен траги од загриженост и претставувањето на планот на Одделението за полова еднаквост при Министерството за труд и социјална политика, на прашањето на родовата еднаквост не му беше посветено големо внимание. Општините се исправени пред предизвикот да се соочат со родовата еднаквост на начин што е согласен со новата улога на локалната самоуправа. Во тој контекст, овие студии претставуваат доволно општа рамка што ќе им овозможи на релевантните актери, на одговорните општински власти, политичките субјекти, невладините организации и на граѓаните на општините да направат исчекор од постојната практика со цел: да ги преиспитаат претпоставките и позициите од кои тргнуваат во промовирањето на родовата еднаквост; да ги преиспитаат односите со централните власти во рамките на активностите што ги преземаат во сферата на еднаквоста, и да ги реорганизираат структурите на дејствување, во согласност со новите управувачки процеси. Студијата е конципирана околу неколку прашања коишто допираат тематски целини од сферата на родовата еднаквост, како на пример: Како да се дојде до одредена политика за родова еднаквост, односно до политика за родово балансиран развој во општините? Како да се развијат методологии за родова анализа на локалните секторски политики? Како да се идентификуваат индикатори за прибирање, анализа и за обработка на податоците кои се релевантни за родовата анализа на локалните политики? Како да се идентификуваат потребите и приоритетите во насока на родово балансиран развој на општинате? Но, студиите не прејудицираат на тоа да дадат комплетен одговор на тие прашања, туку да помогнат во критичкото преиспитување на она што е направено досега во сферата на родовата еднаквост, да понудат разјаснување на стратешките приоди за постигнување на родова еднаквост и да повикаат на трансформација на управувачките процеси и на креирање на секторски политики. Понудените препораки се можни насоки на тој пат.