Здружението на граѓани Акција Здруженска во соработка со Женски Центар-Дебар и Центар за одржлив развој на заедницата-ЦОРЗ на 07.05.2010 организираше семинар на тема: „Кон поефективно спроведување на Законот за еднакви можности за жените и мажите во Општина Дебар„. На семинарот кој се одржа во просториите на ЦОРЗ во Дебар присуствуваа 17 претставници од ЕЛС Дебар, локални институции и организации.
Целта на овој семинар беше да се отвори дискусија во однос на специфичната улога и надлежност на секоја од релевантните структури на локалната власт, женскиот активизам и останатите организации/институции во Општина Дебар во спроведувањето на Законот за еднакви можности за жените и мажите.
Воедно, семинарот претставуваше можност за меѓусебно информирање на учесниците за плановите и приоритетните активности од страна на релевантните актери во Општината и модалитетите на соработка во насока на остварување на целите на Законот.
Како основа за дикусија, на семинарот беа презентирани наодите од анализата Мониторинг на примената на Законот за еднакви можности на жените и мажите во рамките на локалната самоуправа во Република Македонија, спроведена од страна на Акција Здруженска во 2008 година со цел да се обезбедат релевантни информации за тоа колку и како се спроведува Законот од страна на надлежните актери во единиците на локалната самоуправа и да се развијат насоки за негова поуспешна имплементација.
Овој настан се организира како дел од годишната програма на Акција Здруженска, која е финансиски поддржана од програмата CIVICA Mobilitas, Балканскиот фонд за демократија и ФИООМ.
Фотогалерија: