Жените од Куманово, Тетово, Гостивар, Дебар, Свети Николе и Битола во улога на градоначалнички, ќе добијат можност да го „прекројат“ општинскиот буџет за 2016, односно да кажат како да се потрошат парите од буџетот. Ова е дел од третата мартовска кампања „Жените буџетираат!“ на Акција Здруженска, со која оваа организација алармира дека јавните финансии не смеат да бидат забранета зона за жените. Кампањата започнува на 11 март во 13:00 часот во Дебар и ќе се одвива преку еден вид на улична анкета, а нејзина главна цел е да го поттикне интересот на жените за тоа како и во чија корист се управува со локалните јавни финансии.
Кампањата ќе се спроведува во соработка со локалните женски организации кои се вклучени во менторската програма за следење и застапување на родовата еднаквост во буџетските процеси: Женски Центар „Жена на 21 век“, ГИЖ – Свети Николе, Здружение Радика-Де – Дебар, Центар за женски права „Етика“ – Гостивар, Здружение Женски Форум – Тетово и ЖГИ „КЛЕА“ – Битола.
Кампањата е дел од активностите на проектот на Акција Здруженска „Родовата рамноправност во локалните буџети“, поддржан од Проектот на УСАИД за граѓанско општество, спроведуван од Фондацијата Отворено општество – Македонија. Општата цел на проектот е да го унапреди третманот на родовите прашања во буџетското планирање на локално ниво .