„Во името на правата, слободите и еднаквоста”
Акција Здруженска најостро реагира и ја осудува мизогинијата и говорот на омраза насочен кон жените во текстот „Беседа против абортусот” на митрополитот брегалнички г. Илиарион, објавен во дневниот весник „Дневник” на 08. 11. 2008 година.
Сметаме дека објавениот текст е радикален израз на дискриминација и претставува екстремно кршење на принципите на еднаквост, етичност и хуманост.
Контекстуализирајќи го овој текст во атмосфера која е подгревана од веќе едногодишната кампања „Абортусот е убиство”, владината кампања за промовирање на традиционалното многудетно семејство и сe посилното инсистирање на зголемување на наталитетот во име на зачувување на нацијата, сметаме дека крајната цел на ваквите изјави е продуцирање ставови и вредности кои ги сведуваат жените исклучиво на машини за репродукција.
Го земаме предвид и фактот дека Митрополитот брегалнички не беседи в црква, туку низ јавен и масовен медиум n се обраќа на целата јавност што ја прави неговата сурова реторика уште поопасна. Потпишан во текстот како Митрополит брегалнички, г. Илиарион јасно артикулира став на една институција (Македонската православна црква), за чиј гласноговорник се претставува. Оттука, ставовите на г. Илиарион ги читаме како ставови на МПЦ и оваа реакција ја упатуваме и на споменатата институција.
Во период во кој се воведува веронаука во училиштата, прашуваме на кои вредности и ставови ќе бидат подучувани и воспитувани нашите деца?
Ја прашуваме МПЦ и г. Илиарион, ако љубовта, Бог и етиката ја исклучуваат омразата и осудата, тогаш во чие име може да биде оправдана оваа беседа?
Текстот кој започнува како ламентација за христијанската, а според тоа и чиста љубов, набргу потоа се претвора во отворен „лов на вештерки” пресликан во бескрупулозно навредување и етикетирање на жените.
Отворено го прашуваме Митрополитот колку деца тој родил за да може без двоумење да напише дека „благочестивата христијанка со нежност и благост гледа во лицето на своето љубено дете и во тој миг како да го заборава целиот свет. Се чини како во рацете да го држи своето срце, како да има едно мало делче од небото овде на земјата”?
Според реториката на г. Илиарион, или претставникот на МПЦ, секоја жена којашто смислата на своето постоење не ја сведува исклучиво на раѓање и на одгледување деца е себична сладострасничка, блудничка и развратничка, која „заборавила” што е воздржување, чистота, достоинство, слобода и љубов. Затоа што секоја жена која не планира да стане мајка е затворена во илузија; таа пребива во „духовна парализа и опустошеност.”
Професионалната ангажираност надвор од домот и семејството, потребата за автомобил, стан, компјутер се луксуз кој не им е дозволен на жените, но затоа е сосема дозволив, потребен и „природен” за нашите православни свештеници.
Цитирајќи го познатиот православен мислител од 2 век, св. Климент Александриски: „Жената исфрлајќи го својот плод, заедно со него исфрлува и сe што е човечно во неа”, г. Илиарион недвосмислено ја поткрепува својата теза дека жената не е човек, но таа станува тоа единствено преку репродукција.
Абортусот дефиниран како убиство има јасна цел – етикетирање на жените како убијци. Оваа теза е зачинета со користење на силни зборови и говор исполнет со патос, па така прекинувањето на несаканата бременост станува чедоубиство, детеубиство и чедоморство, сексуалниот чин лишен од репродукција како крајна цел – блуд, а годишниот одмор, облеката, компјутерот и домот – луксуз поради кој се убива.
Жените кои го искористиле или планираат да го искористат своето репродуктивно право се нарекуваат убијци, чедоморки, себични, опседнати со демони и слично. Според г. Илиарион, од моментот кога жената ќе ја прекине бременоста (или со негови зборови – ќе го жртвува своето бебе на ѓаволот) „таа живее како богоотпадничка и нехристијанка, поробена од својата себичност и недостоинственост, таа тогаш само личи на човек, но од нејзината човечност не останало ништо.”
Поентата е следнава: Сите жени кои не се „благочестиви христијанки” и кои не го „забораваат целиот свет кога во рацете го држат најскапоценото богатство” се нелуѓе и сурови и ладнокрвни убијци.
Тенденцијата за сведување на жената на утерус или машина за репродукција е многу јасно читлива. Самиот поднаслов „Утробата стана погубилиште” многу прецизно го детектира злосторникот и местото на злосторството – жената убива во својата утроба.
Во целиот текст зборовите жена и мајка се споменати шест пати повеќе од зборот маж кој е споменат исклучиво во синтагмата – мажи и жени. Дотолку повеќе што целиот дел кој се однесува на покајанието за сторениот грев започнува со прашањето – Што да прави жената или девојката, која во својот живот направила чедоморство? На тој начин МПЦ искажува двоен морал, не третирајќи ги еднакво мажите и жените како рамномерно инволвирани во донесувањето на одлука за прекинување на несаканата бременост.
Беседата на која реагираме претставува и директен напад врз репродуктивните права на жените гарантирани со закон. Правото на жената да ја прекине несаканата бременост г. Илиарион го нарекува – одвратно, гадно, демонско, кое ќе предизвика народна катастрофа, народно самоубиство итн.
Карактеризирајќи го како такво, г. Илиарион во својата беседа мошне лукаво сугерира дека жените се единствените можни виновници за оваа сеопшта „народна катастрофа.”
Оттаму, ова право е именувано како „доказ за незрелоста на денешното општество”, кое им е дадено на жените под влијание на „хуманистичката и безбожна Европа”, која ги промовира човековите права како сосема неетички принципи.
За да ни биде зрело општеството, кон овие принципи никако не треба да се стремиме, а уште помалку да се форсираат, бидејќи за Црквата тие се безбожни, антихристијански, демонски.
Како единствена причина за ваквото карактеризирање на човековите права и европските политики во текстот на г. Илиарион го читаме правото на жените да располагаат со своите тела во името на својата слобода. Оттука, богоугодноста значи ригидна контрола на женското тело.
Во последниот дел од текстот е сместена една мини драма или кус драмски дијалог кој го пишува г. Илиарион. Во сцената на Страшниот суд имаме двајца присутни – мајката и абортираното дете. Веќе е и повеќе од очигледно кому ќе му се суди, кој е виновникот. Зошто г. Илиарион го нема таткото во Вечниот суд? Вашата стратегија за спас, г. Илиарион, се сведува на покајание, на христијанско покајание кое е наменето и очекувано единствено од жената. Дали е таа единствената грешничка, блудница, утроба која убива?
Најстрашната порака од оваа беседа е апелот на МПЦ, преку текстот на Митрополитот брегалнички, абортусот да биде забранет со закон: „ Сe додека детеубиството не биде прогласено за најголемо злосторство и забрането со закон, сите апели за мир, праведност и демократија се само маска на лицето на европските политичари.”
Забраната за абортус, која ја посакува г. Илиарион, е врвот на тоталитаристичките тенденции кои бликаат од овој текст.
Го потсетуваме господинот Илиарион дека криминализирањето на абортусот е директен напад врз слободата на жената и ја укинува можноста за избор, која во крајна линија е и христијански принцип.
Акција Здруженска јавно го покренува прашањето за нужноста од ревизија на вредностите кои резултираат со омраза и насилство и повикува на поттикнување на јавна свест за еднаквост и почитување на сите луѓе без разлика на полот и родот.
Ја прашуваме јавноста и институциите на оваа држава што ќе се случеше доколку текст со ваков вокабулар и пораки се објавеше за кое било друго прашање и доколку цел на нападите беше која било друга група, а не жените? Сигурни сме дека целокупното општество ќе се мобилизираше во реакција и осуда на таквите ставови.
Потсетуваме на Законот за еднакви можности на мажите и жените кој во член 19 став 2 вели: Јавното прикажување и претставување на лица во средствата за јавно информирање треба да биде на ненавредлив, неомаловажувачки или непонижувачки начин, врз основа на пол.
Затоа ги повикуваме сите релевантни институции, целокупната македонска јавност, медиумите, интелектуалците, уметниците и претставниците на власта да упатат јавен апел и јасна порака за осуда на овој текст.
Здружение на граѓани Акција Здруженска – Скопје