На 22-24.06.2017 во Хотел Сириус, Струмица,12 претставнички на мониторинг тимовите на Организација на Жени – Струмица; Визија – Кавадарци; Женска Акција-Радовиш; и Една Може- Скопје се стекнаа воведни знаења и вештини за примена на методолошка рамка за следење на процесот на програмирање и буџетирање на локално ниво.
Методолошката рамка за следење е развиена со активно учество на претставнички на локални организации преку која ќе се обезбедат основните неопходни информации и аргументи за успешно застапување на потребите на жените во заедниците во кои тие дејствуваат. На процесот на следење на планирачките и буџетските процеси му претходи процес на партиципативно истражување заради идентификација на проблеми и приоритетни услуги во одделните области на надлежност од страна на жените од локалните заедници. Резултатите прибрани преку фокус групи и улични анкети претставуваат основа за селектирање на заеднички приоритет кој поголемиот број на жените од заедницата го посочиле како проблем. Специфична цел на следењето е да се идентификува дали и на кој начин ЕЛС ги третира потребите на жените од локалната заедница, односно предмет на следење ќе бидат активностите/мерките и ресурсите на ЕЛС во однос на избран приоритет идентификуван од самите жени, а чие решавање спаѓа во директна надлежност на ЕЛС.
Врз основа на споделените резултати од партиципативното истражување 497 жени од Струмица, Радовиш, Кавадарци, Карпош и Центар кои дадоа повеќе од 625 предлози за услуги финансирани од општинскиот буџет, утврдени се приоритетните прашања кои ќе бидат предмет на следење во процесот на планирање на програмите и буџетот за 2018 година во 5-те општини опфатени со проектот Застапување на Родово инклузивни локални буџети.