Здружението за унапредување на родовата еднаквост Акција Здруженска на 08.07.2016 во просториите на Јавна Соба во Скопје ја отвори изложбата на фотографии „Невидливи жени“, одбележувајќи го на тој начин завршувањето на проектот „Родовата рамноправност во локалните буџети“. Станува збор за изложба на 23 фотографии направени за време на теренската кампања „Жените буџетираат“ во рамки на истиот проект. Оваа теренска кампања Акција Здруженска ја спроведе во шест македонски градови: Дебар, Тетово, Гостивар, Куманово, Битола и Свети Николе. Авторки на фотографиите се Лилика Стрезоска и Дона Џамбаска, кои ги документираа сите настани од кампањата.
Изложбата претставува завршен настан од проектот од проектот на Акција Здруженска „Родовата рамноправност во локалните буџети“, поддржан од Проектот на УСАИД за граѓанско општество и спроведуван од Фондацијата Отворено општество – Македонија. Општа цел на проектот е унапредувањето на третманот на родовите прашања во буџетското планирање на локално ниво преку зајакнување на капацитетите и поддршка на локалните НВО за следење и застапување на родовата еднаквост во буџетските процеси. Специфичните краткорочни цели, пак, вклучуваат зајакнување на знаењата и вештините на женските НВО за следење и застапување на специфичните потреби на жените во буџетските процеси на ЕЛС, обезбедување на релевантни информации за приоритетните потреби изразени од самите жени во заедницата, како и информирање на јавноста за релевантноста на родовата еднаквост во управувањето со јавните финансии
Изјави од фотографките во врска со нивното искуство со подготвувањето на изложбата „Невидливите жени“:
ЛИЛИКА СТРЕЗОСКА
„Не беше воопшто едноставно да се најдеш во средина во која повеќето жени не сакаат да бидат видени или камерата ја доживуваат како некое оружје кое само им ја потврдува реалноста во која се наоѓат. Но секако бевме сремни да дадеме се од себе за да ја доловиме светот во кој живеат.
Зачудувачки е тоа како повеќето од нив не сакаа да зборуват и имаа страв да го искажат својот став, но грижата и проблемите со кои се соочуваат лесно можеше да се препознаат по нивните лица, како да немаат право на подобар пласман во околината во која живеат. Во различни градови, секоја различно ги потенцираше недостатоците со кои се сретнуват секојдневно.“
ДОНА ЏАМБАСКА
„Воопшто не беше лесно. Во ниту еден момент не ни помисливме дека ќе биде. Едноставно отидовме спремни да извадиме максимум од ситуацијата – и тоа и го направивме. Премногу би било несоодветно да раскажувам колку сум задоволна од своите фотографии, но нема ништо погрешно во тоа да продолжам да нагласувам дека на Лилика се феноменални, како и секогаш.
Дефинитивно ниту еден впечаток не би можел да се етикетира како пријатен. На различни локации, се разбира, интензитетот на тој непријтен впечаток варираше и менуваше форма. Во секој град, кај секоја „невидлива“ жена можеше лесно да се препознаат нејзините секојдневни проблеми, тежините со кои континуирано се соочува и борбите од кои е веќе изморена.“