Акција Здруженска ја започнува кампањата Жените прашуваат! со која по втор пат ќе го одбележи МЕСЕЦОТ на правата на македонските жени, наместо 8 март како ДЕН кога ова прашање привлекува некакво внимание во јавноста.
Кампањата е во функција на информирање и поттикнување на жените да почнат да ги бараат основните предуслови за остварување на нивните права, кои ги имаат на хартија, но не и во пракса.
До жените од Скопје, Куманово, Битола, Велес и Тетово, ќе бидат дистрибуирани 30 000 поштенски картички на кои се наоѓа листа на услуги преку кои родовата еднаквост е дефинирана низ конкретни потреби за чие задоволување е надлежна или може да помогне локалната самоуправа.
Во месец февруари започна процесот на детално конципирање на кампањата и осмислување на промотивниот материјал. Клучното прашање на кампањата беше КОГА жените ќе ги добијат услугите за чие задоволување е надлежна локалната власт, кои се само навидум подеднакво важни за сите граѓани, а кои или ги нема, или се недоволни, или пак се скапи и жените не можат да си ги дозволат. Обезбедувањето на овие услуги, кои за жените значат поинакво секојдневие и поголеми можности, во најголем дел од општините не се приоритет (освен на декларативно ниво) и за нив никогаш нема доволно ресурси. Кампањата беше во функција на информирање и поттикнување на жените да почнат да ги побараат основните предуслови за остварување на нивните права, кои ги имаат на хартија, но не и во пракса. Беа испечатени 25 000 картички на македонски и 5 000 на албански. На картичките беше поместена листа на услуги дефинирана врз основа на претходни искуства и информации на АЗ од жените за нивните потреби и проблеми, како и консултации со локалните организации кои имаат специфичен увид во потребите на жените во одделните опшини. Со оглед на различниот контекст, услугите едновремено ги одразуваат заеднички проблеми и потреби на жените во најголем дел од општините, но и специфични практични потреби на различни категории жени во одделни општини.
Кампањата е дел од активностите на проектот на Акција Здруженска „Родова еднаквост е секојдневна потреба“, поддржан од Проектот на УСАИД за граѓанско општество, спроведуван од Фондацијата Отворено општество – Македонија.