Од локално на национално ниво: Кога жените зборуваат, институциите слушаат

Во изминатиот период, на три локации – во Карпош, Велес и во Штип, беа одржани работилници за градење капацитети за национално застапување, посветени на јакнење на женските гласови во јавните политики. Работилниците беа организирани од Акција Здруженска, The Kvinna till Kvinna Foundation и Хуманитарното здружение Мајка – Куманово, во соработка со повеќе локални женски организации.

Во Велес, жените активистки од ЛАГ Агро Лидер, Организација Жена од Делчево и Женско Лоби од Демир Капија, заеднички работеа на моделирање институции кои одговараат на потребите на жените и локалните заедници. Во атмосфера исполнета со идеи и солидарност, учесничките дискутираа како женските иницијативи можат да влијаат врз националните процеси и да поттикнат институционални промени.

Преку симулација на состаноци со министри и градоначалници, жените учеа како да ги изнесат своите барања пред нив, како да комуницираат со нив и како да успеат да издејствуваат решавање на проблемите кои ги имаат во заедниците.

Во Штип, активистките од Организација на жени од Струмица – ОЖС и Женска акција од Радовиш градеа нови знаења за тоа што претставуваат јавните политики, кои актери учествуваат во нивното креирање и како стратешки да се делува за поголема видливост и влијание. Дводневната работа во групи поттикна размена на искуства и создавање заеднички визии за родова еднаквост.

Во Карпош, пак, жените од Здружение Радика-Де и Граѓанска иницијатива на жени – ГИЖ Свети Николе, се фокусираа на препознавање институционални празнини и формулирање предлози за подобрување на политиките што треба да ги обезбедат правата на жените. Активистките развиваа свои модели за тоа какви институции им се потребни на жените – транспарентни, одговорни и ориентирани кон еднаквост.

На сите три работилници, учесничките заеднички утврдија дека силните женски гласови се неопходни во процесите на национално застапување.

Преку учење, вмрежување и споделување, тие градеа колективна сила и ги поставија основите за идни заеднички акции.

Кога жените се здружуваат – институциите се менуваат!