Марија Савовска на форум во Истанбул: Вложувањата во жени носат големи промени

Во Истанбул, во периодот од 1 до 3 октомври, се одржа Форум на градоначалнички на југо-источна Европа (Мaruf x Forum of Women Mayors in South-East Europe), а на сесијата насловена како ,,Паметно финансирање за еднаквост”, Марија Савовска, извршната директорка на Акција Здруженска, сподели позитивни примери од неколку општини во С. Македонија, кои се доказ за тоа дека кога жените се прашани за нивните потреби, тогаш се создаваат одржливи решенија кои имаат голем ефект врз целата заедница.

„Во изминатите 8 години, заедно со локални женски организации изградивме модел за зајакнување на жени, кој ја создаде најголемата мрежа за застапување во С. Македонија, во која се вклучени повеќе од 2.000 жени од 65 села од 21 општина. Преку оваа работа, покажавме дека инвестирањето во жени е паметно финансирање, односно дека малите вложувања носат големи промени. Основни услуги како јавен превоз, градинки и женски центри, не само што го подобруваат секојдневието на жените, туку носат и економски развој и подобар живот за сите“, рече Савовска.

На иницијатива и барање на жените, со 10.000 € годишно, осум села добија мини-бус кој им овозможи мобилност, намалени трошоци и повеќе приходи за жените и локалните бизниси. Исто така, во друго населено место, на женска иницијатива и со одлука на општината, еден нефункционален центар беше претворен во градинка за 20 деца, со што жените добија повеќе време, енергија и можност да се посветат на економски активности. И трет позитивен пример е женскиот центар, кој беше отворен со 1.500 € и со поддршка од општината, во кој жени во рурална општина започнаа сопствени бизниси со домашни производи и занаети, што доведе до нови приходи, туризам и дополнителни инвестиции за заедницата.

Овие примери покажуваат дека кога жените се прашани што им е потребно и кога ќе се вклучат во процесите, се добиваат одржливи и ефективни решенија за сите, што значи дека инвестирањето во жени значи инвестирање во еднаквост, развој и иднина на заедницата.