На 15 февруари 2006 во Скопје, Здружението на граѓани Акција Здруженска организираше форум на тема Глобалните и регионалните процеси – Предизвици за родовата еднаквост во РМ. На форумот беа поканети и присуствуваа 62 претставници/чки од НВО активни во областа на родовата еднаквост и човековите права, особено правата на жените, од релевантни владини институции и тела и од меѓународни агенции и организации кои делуваат во овие области.
Повод да се отвори основното прашање за дискусија на форумот, Има ли РМ платформа за родова еднаквост, беа процесите кои се одвиваа во 2005. Поаѓајќи од фактот што 2005 година беше година на известување во однос на Пекингшката платформа за акција и Конвенцијата за елиминација на сите форми на дискриминација врз жените, како и во остварувањето на Милениумските развојни цели, учесниците на форумот имаа прилика да се информираат за обврските и напредокот на РМ во имплементација на овие значајни меѓународни документи.
Имајќи ги предвид напорите на РМ во процесот на евроинтеграции, обврските и напредокот во однос на стандардите за еднакви можности меѓу мажите и жените на ЕУ беше исто така една од темите на форумот. Воведничари на форумот беа Марија Савовска – Претседателка на Акција Здруженска, Жарко Трајановски – Магистер за човекови права и демократија, Јасминка Фришчиќ – Извршна директорка на Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените на РМ, Лилјана Алчева – Проект менаџер во проектите за Милениумските развојни цели УНДП и Џенк Сејфула – Раководител на Одделението за правосудство и фундаментални права, Секретаријат за европски прашања при Владата на РМ. Во моментов Акција Здруженска подготвува детална информација за текот на форумот и дискусиите кои ќе бидат достапни на веб страната до крајот на април 2006. фото галерија