Кампањата НЕ НАСЕДНУВАМ! е иницијатива на Здружението на граѓани Акција Здруженска и Движењето за социјална правда – Ленка.
Цел на кампањата е да одговори на сé поагресивното промовирање на ретроградни и патријархални вредносни системи и родови стереотипи.
Кампањата е и одговор на промовираните политики за зголемување на наталитетот, кампањи за многудетно семејство, официјалниот тендер на владата за кампања која ќе ги објаснува штетните последици од абортусот кои резултираат со контрола на репродукцијата.
Кампањата ќе се спротивстави на сеопштата манипулација и злоупотребата на репродукцијата која е најчувствителното политичко прашање за жените. Потребата за ваков вид на кампања ја лоцираме во агресивно наметнување на конзервативни стереотипи и вредности, националистички митови и создавање вештачки дилеми кои би требало да предизвикаат чувтсво на грижа на совест и не оставаат простор за индивидуален избор, различност и отстапување на еднострано наметнатиот морал.
Клучната порака од кампањата е апел до жените да не наседнуваат на лицемерната грижа за нивното здравје, спас на нивните души и спас од исчезнување на нацијата.
Воедно, таа е апел за поддршка и активирање до сите граѓани кои не сметаат дека единствената вредност, потенцијал и интерес на жените е нивната способност да раѓаат деца.
Кампањата упатува и пораки до институциите на државата на РМ кои имаат мандат, одговорност и трошат наши средства да создаваат општество во кое ќе се почитуваат, промовираат и унапредуваат нашите права и во кое ќе можеме без притисок да ги планираме своите животи.
Активностите на кампањата вклучуваат дистрибуција на печатен материјал (постери и флаери), организирање пунктови за собирање потписи на петиција во Скопје и повеќе градови низ Македонија, перформанси за изразување на ставови во поддршка на клучните пораки од кампањата. Во изработка е и ВЕБ страна htpp://www.nenasednuvam.org/ на која ќе биде поставен промотивниот материјал и петицијата, текстови кои ја разгледуваат оваа проблематика од различен аспект, објавени реакции и сл.
Во поддршка на реализацијата на кампањата се вклучуваат и поголем број невладини организации и волонтери.