Здружението на граѓани Акција Здруженска на 28 јануари во
Хотел Карпош, Скопје одржа консултативна средба на тема „Како
до поефективни политики за родова еднаквост “.
Целта на средбата беше да се разменат искуства, ставови и
приоритети во насока на поуспешно развивање и спроведување на специфичните
политики за родова еднаквост во Р. Македонија.
На средбата беа поканети претставници/чки од граѓански
организации кои во континуитет ги следат и анализираат состојбите со родовата
еднаквост и правата на жените, владини институции во чија надлежност е
развивањето и спроведувањето на политиките на овој план, како и меѓународните
организации/институции кои имаат активна улога и влијание врз овие процеси.
Организирањето на оваа консултативна средба произлезе од
потребата да се иницира дебата помеѓу релевантните актери во однос на тоа колку
се воспоставени системските и структурните претпоставки за соодветно креирање на
политиките за родова еднаквост од една страна, како и во однос на ефикасноста на
спроведувањето на веќе утврдените политики од друга страна.
Учесниците имаа прилика да ги изнесат: клучните активности
кои ги преземаат за унапредување и спроведување на политиките за родова
еднаквост, идентификуваните недостатоци на ова поле, како и приоритетите за
понатамошно дејствување.