Контекстот на реализацијата на овој извештај е во рамките на годишната програма за работа 2010 на Здружението на граѓани „Акција Здруженска“. Извештајот е резултат развиен во посебна програмска компонента, чија цел е да обезбеди релевантни информации за напредокот во креирањето и спроведувањето на политиките за родова еднаквост во Р Македонија, и да развие препораки до националните и меѓународните креатори на политиките за нивно унапредување. Една од клучните задачи на оваа програмска компонента е континуирано систематско следење и прибирање податоци во однос на развојот и примената на специфичните политики на РМ за родова еднаквост, во функција на продукција на периодичен и годишен извештај за состојбите и напредокот на овој план; следење на работата на надлежните структури: парламентарна комисија, сектор за еднакви можности, други релевантни структури, спроведување на годишни оперативни планови за родова еднаквост, следење на состојбите во поодделни области, начинот на консултирање и вклучување на женските организации во процесот на одлучување и сл. Идентификацијата и мапирањето на родовите аспекти и прашања во останатите секторски политики, кои не се експлицитно од областа на родовата еднаквост и правата на жените (закони, стратешки документи, проекти и активности на институциите) преку родови анализи, е исто така една од задачите на оваа програмска компонента. Активностите преземени во овој контекст треба да обезбедат видливост на овие прашања или укажување на можното негативно влијание врз родовите и развивање препораки за нивно унапредување. Значаен аспект на оваа програмска компонента е иницирање дебата со релевантните актери за идентификуваните слабости и развивање препораки за нивно надминување.
Периодичен извештај од мониторингот на политиките за родова еднаквост во Р Македонија