Акција Здруженска во периодот март – декември 2008 ќе спроведе програма за обука на обучувачки, која се засновува на претходните вложувања и позитивни искуства во унапредувањето на женскиот ромски активизам во Македонија.
Основна цел на Програмата е да придонесе во зајакнување на ромското женско движење преку креирање на постојан ресурс за обука и застапување за подобар статус на Ромките во Македонија.
Обуката за обучувачки е наменета за млади Ромки активистки, која ќе им овозможи да се стекнат со:
Разбирање на процесот и специфичниот контекст во кој се развива родовиот идентитет, социјалните улоги, последиците од нееднаквата распределба на моќта во општеството, како и статусот и улогата на жената во општеството, особено на Ромките;
Знаења и вештини за преговарање и застапување на родовите прашања и правата на Ромките во рамките на граѓанскиот сектор и институциите на власта;
Знаења и вештини за дизајнирање и испорака на обуки за застапување на родовата еднаквост и правата на жените.
ПЛАН НА РЕАЛИЗАЦИЈА НА ПРОГРАМАТА ЗА ОБУКА
Објавување и селекција
26 март – 14 април
Објава на повикот за пријавување во Дневник, испраќање до ромски НВО и други заинтересирани
14 – 30 април
Разгледување на пријавите и прелиминарна селекција на 20 кандидатки за учество во изборна работилница
9 мај
Организирање работилница за проценка на претходни знаења и обучувачки потенцијали, конечна селекција на 12 учеснички во обуката
Спроведување на обуката
Програмата за обука ќе биде спроведена низ три тродневни и еден четиридневен модул, од страна на две членки на тимот обучувачки на Акција Здруженска со долгогодишно искуство во спроведување обуки со следнава динамика:
5-8 јуни
Прв Модул: Вовед во обучувањето, Родови односи, Дискриминација и Човекови права на жените и Историја на женското движење
26-29 јуни
Втор модул: Вовед во реализација на обука и Јавно застапување
14- 17 Јули
Трет модул: Развивање комуникациски и презентациски вештини
10-14 септември
Четврт Модул: Подготовка за практична примена на вештини
Практична примена на вештини
Октомври –Ноември
Спроведување на 5 еднодневни тематски работилници од страна на учесничките. Тие ќе имаат можност да направат избор на темата, да идентификуваат учесници/чки, детално да ја дизајнираат содржината и да ги спроведат работилниците под супервизија и поддршка на членка од тимот обучувачки на Акција Здруженска.
Материјали за обука и поддршка
Во периодот на спроведување на обуката, тимот обучувачки кој ќе ја спроведува програмата за обука ќе им биде на располагање за консултации, поддршка и одговор на нивните потреби за учење. Ресурсите од библиотеката на Акција Здруженска ќе бидат на располагање за учесничките за надградба на знаењата во специфични области релевантни за темите кои се предмет на програмата за обука.
Трошоци на обуката
Трошоците на кандидатките избрани за учество во изборната работилница (патни и освежување), како и трошоците за учество на избраните учеснички во програмата за обука (патни, храна и сместување), се на товар на организаторот. Патните трошоци ке бидат покриени исклучиво врз основа на приложена сметка (автобуски билет или сметка за гориво во висина од 7 денари од километар).
ОБВРСКИ НА УЧЕСНИЧКИТЕ
За време на одржувањето на сесиите како и помеѓу модулите, учесничките ќе добиваат различни задачи кои ќе бидат во функија на поголемо разбирање, совладување и употреба на стекнатите знаења и вештини. Тие постојано ќе бидат поттикнувани на тимска работа и креативност, како и меѓусебна размена на информации и ресурси.
Учесничките во програмата ќе имаат обврска да присуствуваат на сите модули и да ги извршуваат зададените задачи.
Учесничките кои се во работен однос, ќе треба да обезбедат дозвола од работодавачот за отсуство во деновите на спроведување на обуката. Учесничките кои во периодот на спроведување на обуката се ангажирани на проекти ке треба да обезбедат потврда од носителот на проектот за ослободување од ангажмани во деновите на спроведување на обуката.