На 3 мај 2006 година, во Европскиот парламент во Брисел, од страна на Мрежната програма за жени на Институтот отворено општество и нејзините институционални партнерски НВО, како и националните експерти од земјите од Западен Балкан беше презентиран извештајот На патот за ЕУ-Мониторинг на еднаквите можности за жените и за мажите во Југоисточна Европа. Домаќинка на настанот беше Г-ѓа Зита Гурмаи, претседател на жените на социјалистичката група во Европскиот парламент и потпретседател на Комисијата за правата на жените и за родова еднаквост при Европскиот парламент. Мониторинг извештајот претставува сумарен преглед со клучните наоди и препораки од мониторингот на состојбата со еднаквите можности во однос на 5 избрани директиви кои се однесуваат на еднаквото плаќање за еднаква работа и еднаков третман на работното место (вработување, обука и работни услови) за мажите и жените и заштита при бременост и мајчинство спроведен во Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Косово, Црна Гора и од Србија. Извештајот укажува на фактот дека нееднаквите можности во државите кандидатки, како и потенцијалните држави кандидатки од Западен Балкан е се уште прашање кое побудува загриженост. Нееднаквото плаќање не само што се уште постои туку и се повеќе се проширува, додека пазарот на трудот и натаму е родово сегрегиран, заштитата на бремените жени и мајки е кревка и контроверзна, а јавната свест за родовата нееднаквост како секојдневна реалност за жените и за мажите и натаму е доста ограничена. Подготовката за членство во ЕУ наметнува концентрирани напори од страна на државите-кандидатки, но и од потенцијалните држави-кандидатки за исполнување на стандардите за родова еднаквост на ЕУ, особено во насока на најновиот документ на ЕУ од 1 март 2006 кој во дел 6.1. утврдува “Државите кои пристапуваат кон ЕУ мора целосно да го прифатат темелниот принцип на еднаквост меѓу жените и мажите. Тие мора да гарантираат строга примена на законодавството и да воспостават адекватни административни и судски системи. Мониторинг на транспонирањето, имплементацијата и спроведувањето на европското законодавство за родова еднаквост ќе бидат приоритети на ЕУ во идните процеси на проширување”. Излагањето на националните експерти се заокружи со следниве 4 препораки кои беа предмет на дебата: 1. ЕУ треба да им помогне на владите во регионот да изготват национални политики, како и регионална политика за родова еднаквост. Во отсуство на национални политики (што е различно од стратегии и акциски планови), владите имаат тенденција да ја третираат НПАЗ како применета политика и како последица на тоа, директивите се транспонираат во националните законодавства без да се води сметка на нивната имплементација. Регионалната родова политика би можела да послужи како рамка за учество во Програмите на Заедницата поврзани со родовите прашања согласно со Солунската агенда. 2. ЕУ треба да го земе предвид “вистинскиот извор на експертиза” во регионот, кој во случајот на родовата еднаквост не е јавната администрација од традиционални причини. Концептот на “gender mainstreaming” се покажа неприменлив во регионот и оттука, неопходно е да се разгледаат другите соодветни алтернативи. 3. ЕУ треба да ги консултира локалните засеганти страни во процесот на изготвување на стратегиските документи (CSPs и MIPDs), односно минимум стандардите за консултации што ги применува во процесот на развивање внатрешни политики треба да се применува и во процесот на развивање надворешни политики (пр. 6 недели консултации, утврдување на целни НВО, стандарди за користење експертиза итн.). 4. Новиот финансиски инструмент (IPA) треба да го земе предвид горенаведеното и да обезбеди грант-шеми за НВО, иститути кои се занимаваат со развивање применети политики, тинк-тенк организации и академски ресурси, независно од ризиците кои произлегуваат од финансирањето на НВО во регионот. Сесијата наменета за прашања и одговори пробуди голем интерес и дебата и од публиката излегоа многу прашања за размислување и разгледување како на пример: како да се вклучат НВО во стратегијата за комуникација на ЕУ, особено во насока на воспоставувањето на Родовиот институт, како да се дојде до подобра вмреженост и соработка меѓу НВО во регионот, како да се лобира за буџетска ставка во поддршка на активностите на НВО кои се занимаваат со прашањето на родовата еднаквост како дел од стратегијата за комуникација, како да се зајакнат и надградат капацитетите на НВО да дејствуваат како “watch-dogs” на имплементацијата на родовата политика, како да се мерат квалитетот и квантитетот (квоти наспроти “gender-mainstreaming”), итн. Интегралниот извештај од мониторингот во Македонија, изработен од Акција Здруженска во соработка со локалните експерти Лидија Димова од Македонскиот центар за европско образование и Јасминка Фришчиќ од Здружението за еманципација солидарност и еднаквост на жените во Македонија ќе биде отпечатен и промовиран на 13 јуни 2006 год.