Едукација

Акција Здруженска, за клучен ресурс во реализацијата на активностите, особено оние кои се спроведуваат на локално ниво, го има професионалниот тим од 9 обучувачки, оспособени за развивање и спроведување едукативни програми со различни целни групи од областа на родовите прашања, правата на жените и теми кои се однесуваат на организацискиот развој на НВО. Тимот е обучен во рамките на двегодишната програма Обука за обучувачки за женски НВО во Македонија, реализирана во периодот 2000- 2002, во рамките на Програмата за жени на ФИООМ, а во соработка со Тим Три, професионален тим инструктори од земјите на поранешна Југославија, кои едновремено се и познати активистки во женското движење. Од своето формирање во мај 2002 година досега, тимот низ примена на најсовремени методи за пренос на знаења и искуствено учење, имаат испорачано повеќе од 90 семинари и работилници во кои учествувале повеќе од 400 невладини организации.

Тимот обучувачки на Акција Здуженска е обучен за примена на најсовремени методи за пренос на знаења.
Основна карактеристика на обуките кои се спроведуваат од страна на тимот е едноставната содржина, високата интеракција со постојано користење практични примери и во однос на испораката на содржините и во процесот на искуствено учење. На овој начин се обезбедува висок степен на активност и прием на содржините кај учесничките/ците во текот на целиот период на спроведување на обуките. Користењето на најразлични методи: интерактивни дискусии, бури на идеи, групни вежби, игра на улоги, аквариум, студии на случај и
сл. комбинирани со воведни и завршни игри за подигање на енергијата, обуките ги прават интересни и забавни за учесниците.

Заради специфичната методологија на работа, пожелно е учество од по три претставнички/ци од организациите, со максимум 21 учесници. Воедно, се препорачува комбинирано учество од повисоките управувачки структури и од активистите кои ги имплементираат проектните активности на организацијата. Ваквиот профил на учество овозможува поттикнување на тимската работа и тоа на конкретни, сопствени примери од секојдневното работење на организациите, при што ефектите од обуката се многу попрактични и
ја зголемуваат можноста за пренос и примена на стекнатите знаења и по нејзиното завршување.

Учесничките/ците по завршувањето на секоја тема добиваат печатен материјал од содржините кои ги поминале во текот на сесијата. Заради задоволување на поставените стандарди на професионалност и
квалитет во однос на подготовка, континуиран ангажман и посветување подеднакво внимание на потребите за
учење кај учесниците, обуките задолжително ги спроведува тим од две обучувачки.

Оценувањето на успешноста е стандардна, континуирана постапка во текот на спроведувањето на програмата за обука. По спроведувањето на обуката учесниците пополнуваат завршна оценка, содржана во детален
формулар во кој освен оценката на содржините, начинот на работата и на обучувачките имаат прилика да
дадат и сопствени сугестии и препораки за идни обуки.

Известувањето од обуката се врши во стандардна форма која содржи информации за учесниците, текот
на реализацијата на обуката и специфични дискусии, продуктите од вежбите, детална информација од завршната евалуација и тренерски рефлексии.