Прв јавен повик на фондот „Зелена искра“

ЗА ФОНДОТ 

Фондот „Зелена искра“ (The Green Spark Fund) е основан во 2026 година преку заедничка иницијатива на три женски фондови: Акција Здруженска (Северна Македонија), Екуменска иницијатива на жени (Хрватска) и Реконструкција Женски фонд (Србија). Преку финансиска поддршка, едукација, размена на искуства и вмрежување, Фондот поддржува организации и иницијативи кои ги поврзуваат заштитата на животната средина, родовата еднаквост и изградбата на мирот.

Фондот е заснован на верувањето дека заштитата на животната средина, родовата еднаквост и изградбата на мирот се нераскинливо поврзани и дека токму со заедничко дејствување во сите овие три области можеме да придонесеме кон еколошка правда. Климатските промени не влијаат еднакво врз сите. Нивните последици особено ги чувствуваат жените кои веќе се соочуваат со различни форми на дискриминација и социјална исклученост, вклучувајќи ги Ромките, жените од руралните средини, жените со попреченост, повозрасните жени и жените во ризик од сиромаштија.

ЗА ЈАВНИОТ ПОВИК

Првиот заеднички јавен повик на Фондот „Зелена искра“ се објавува истовремено од страна на сите три партнерски фондови, при што секој фонд поддржува организации и иницијативи од земјите во кои делува:

 Акција Здруженска: Северна Македонија
 Екуменска иницијатива на жени: Хрватска, Босна и Херцеговина, Косово и Црна Гора
 Реконструкција Женски фонд: Србија

Повикот е наменет за локални (grassroots) женски организации, како и за организации и иницијативи во кои жените имаат клучна улога во водењето, осмислувањето и спроведувањето на активностите.

КАДЕ СЕ ПОВРЗУВААТ ЗАШТИТАТА НА ЖИВОТНАТА СРЕДИНА, РОДОВАТА ЕДНАКВОСТ И ИЗГРАДБАТА НА
МИРОТ?

Веруваме дека промените се создаваат токму онаму каде што тие се пресретнуваат. Во потрага сме по иницијативи кои се иновативни и храбри да ги истражат овие врски преку експериментирање, неочекувани сојузи и автентичен отпор, и да ги претворат во конкретни, реални акции на терен. Повикот не предвидува однапред дефинирани модели на работа. Предложените активности треба да бидат соодветни на локалниот контекст и јасно поврзани со целите на предложената иницијатива.
Иницијативите може да ги опфаќаат следните активности:

 Учење и размена на знаења
 Зајакнување на организациските капацитети
 Истражувања
 Работилници и едукативни програми
 Јавни кампањи и активности насочени кон промена на наративите
 Уметнички и активистички интервенции
 Улични акции и други форми на граѓанско дејствување
 Стратешко застапување
 Вмрежување и градење сојузи
 Развој на услуги и локални иницијативи
 Активности кои придонесуваат за праведна транзиција и борба против еколошката сиромаштија

ПЕРИОД НА СПРОВЕДУВАЊЕ НА ИНИЦИЈАТИВАТА

 Почеток на спроведување (најрано): 1 декември 2026 година
 Завршување на спроведување (најдоцна): 1 септември 2027 година
 Времетраење на спроведувањето: максимум 9 месеци

ВРЕДНОСТ НА ГРАНТОТ

Максималната вредност на грантот за една предложена иницијатива изнесува најмногу до 10.000 евра.

ВКУПЕН БУЏЕТ НА ПОВИКОТ

Вкупниот буџет предвиден за распределба во рамките на овој јавен повик изнесува 70.000 евра.

ПРОЦЕС НА ОЦЕНУВАЊЕ

Сите апликации кои ги исполнуваат основните услови ќе бидат оценети според следните критериуми:

 Усогласеност на иницијативата со целите на повикот – во која мера иницијативата придонесува кон целите и приоритетите на јавниот повик.
 Квалитет на предложената методологија – во која мера предложените активности се јасни, конзистентни и логички поврзани со опишаниот проблем и посакуваната промена.
 Оправданост и ефикасност на буџетот – во која мера предложените трошоци се оправдани и поврзани со планираните активности.

Дополнителна предност при оценувањето ќе имаат иницијативите кои:
 Предлагаат иновативни или креативни пристапи во решавањето на проблемите
 Имаат потенцијал за одржливо и долгорочно влијание.

Иако фондот „Зелена искра“ споделува заеднички цели и заедничка рамка за оценување, секој партнерски фонд може да прилагоди одредени делови од јавниот повик со цел тие да ги рефлектираат неговата мисија, приоритети и контекстот во кој делува.

ЗА ЈАВНИОТ ПОВИК НА АКЦИЈА ЗДРУЖЕНСКА

Бидејќи станува збор за пилот-програма, овој јавен повик е наменет за организации, кои досега најмалку еднаш добиле поддршка од страна на Акција Здруженска и уредно ги исполниле сите претходни договорни обврски или активно соработувале со Акција Здруженска.

Право на пријавување имаат:

 Локални (grassroots) женски организации, како и други организации на граѓанското општество во кои жените имаат клучна улога во управувањето и донесувањето одлуки;
 Организации регистрирани и активни во Северна Македонија;
 Организации кои предлагаат иницијативи со кои се поврзуваат заштитата на животната средина, родовата еднаквост и изградбата на мирот.

ЦЕЛНИ ГРУПИ

Акција Здруженска поддржува активности првенствено наменети за жени и девојки над 15 години. Кога е релевантно за остварување на целите на иницијативата, активностите може да вклучуваат и мажи и момчиња од истата возрасна група.

 

ВЕ МОЛИМЕ ПРОВЕРЕТЕ ДАЛИ СЛЕДНИТЕ ДОКУМЕНТИ СЕ ПРИКАЧЕНИ КОН АПЛИКАЦИЈАТА:

 Образец за буџет на иницијативата
 Извод од Регистарот на здруженија на Република Северна Македонија, не постар од шест месеци.

РОК ЗА ПОДНЕСУВАЊЕ НА АПЛИКАЦИИТЕ

Крајниот рок за поднесување на апликациите е 1 октомври 2026 година по електронска пошта на следната е-адреса: [email protected].

РЕЗУЛТАТИ ОД ЈАВНИОТ ПОВИК

Листата на иницијативи избрани за финансирање ќе биде објавена на почетокот на ноември 2026 година на веб-страницата на Акција Здруженска.

Упатство за буџетирање

Акција Здруженска, со поддршка на Filia die frauenstiftung, објави повик за доделување финансиска поддршка на локални женски организации, групи и активистки кои работат на унапредување на родовата еднаквост, зајакнување на женското движење и создавање општество без насилство, дискриминација и нееднаквости.