Во организација на Акција Здруженска, The Kvinna till Kvinna Foundation и Хуманитарното здружение „Мајка“ – Куманово, во Штип се одржа едукативна работилница со активистките од Организацијата на жени од Струмица (ОЖС) и Женска акција – Радовиш.
Во фокусот на дводневната работилница беше унапредување на знаењата и вештините за јавно застапување и влијание врз јавните политики, со цел да се создадат посилни и повидливи женски гласови во процесите на одлучување.
Учесничките дискутираа за тоа, што претставува јавна политика, кои се актерите што влијаат врз нејзиното креирање, како да се препознаат нивните улоги и како жените стратешки да делуваат за промени што водат кон еднаквост и правда.
Во текот на работилницата, жените работеа во групи, споделуваа искуства, учеа една од друга и во духот на женска солидарност ја градеа својата заедничка сила.
Оваа активност се реализира во рамки на проектот „Жените го преземаат водството во локалните заедници“, кој го спроведуваат The Kvinna till Kvinna Foundation, Акција Здруженска и Хуманитарното здружение Мајка – Куманово, со финансиска поддршка од Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија и Амбасадата на Шведска во Скопје.





