Фондот за поддршка на локалниот женски активизам е основан во 2019 година, со цел да се пополни критичната празнина во обезбедувањето на специјализирана поддршка за унапредување на правата на жените и родовата еднаквост во Македонија. Од своето основање, Фондот го трансформираше пејзажот на локалниот женски активизам во Македонија. Инвестирањето во развојните потреби и способноста за застапување на локалните женски организации и заедници придонесе да се изгради најживата и најповрзаната локална активистичка мрежа Женски Кружок која е посветена на ширење на автономен, непосредуван и организиран женски глас кој ги застапува правата на жените и родовата еднаквост. Со своите застапувачки акции жените од заедниците издејствуваа бројни подобрувања, ги проширија можностите за жените и ги предизвикаа родовите нормите и динамиката на моќ во своите заедници.
Локалните женски организации често се соочуваат со ограничен пристап до ресурси, финансирање и можности за поврзување. Многу од овие организации, особено оние надвор од главниот град, се соочуваат со недоволна или несоодветна поддршка на нивниот организациски развој, краткорочни грантови со тесен тематски фокус и недостаток на можности за учество во национални активности и застапување. Сево ова, заедно со недоволните врски со локалната женска заедница го ограничува нивниот застапувачки потенција и оперативен континуитет. Фондот беше создаден за да ја пополни оваа празнина и да обезбеди одржлива и флексибилна поддршка која ќе ги зајакне локалните женски организации и ќе им овозможи ефективна работа на унапредување на прават на жените и родова еднаквост.
Фондот е уникатен бидејки обезбедува долгорочна, флексибилна и скроена поддршка за локалните женски организации, што е клучно за нивната одржливост, раст и способност да направат промени во опкружувањето. Основните принципи на поддршката е хоризонталност во соработката, вклучување на заедниците кои ги поддржува во планирањето на поддршката, децентрализација на ресурси и знаења, взаемно почитување и вреднување на различните искуства и капацитети, споделена одговорност за остварување на промените и пренесена сопственост врз резултатите на заедниците поддржани преку Фондот.
Преку Фондот, организациите добиваат комбинација од три основни типови на подддршка која им овозможува да се фокусираат на внатрешниот и надворешниот развој, застапувањето, како и зајакнувањето на маргинализираните жени за граѓански јавен ангажман.
Тригодишна, флексибилна програмска и буџетска поддршка и зајакнување на теренски мрежи за поддршка кај женската заедница.
Поддршка за пилотирање на теренски методологии за зајакнување на жените од рурални или запоставени урбани средини, проширување на мрежата на локални женски кружоци, поддршка на нивните иницијативи за застапување и поддршка на стратегии за тематско застапување на локално и национално ниво.
Поддршка на неформални женски групи што работат на автономни иницијативи на локално ниво.
Поддршка на иницијативи за мобилизација на ресурси за унапредување на условите и можностите на жените во локалните заедници.
Специјализирани внатре-организациски обуки врз основа на самопроценка на потреби за развој од поддржаните организации, обука и поддршка за примена на методологии за теренска работа дизајнирана од Акција Здруженска, тематски обуки во функција на подобрување на ефикасноста и ефектите од застапувањето, средби со национални чинители (институции, меѓународна заедница, донатори), средби за регионално поврзување и размена.
Средби за поврзување и размена помеѓу активистки од различни заедници во функција на градење заедништво, едукација и размена на застапувачки пристапи и научени лекции, планирање застапувачки стратегии, заедничка проценка на контекстуалните предизвици и промените постигнати преку локалното застапување.
Редовни годишни средби на мрежата поддржаните организации и локални женски кружоци од сите заедници во функција на градење заедништво, едукација и размена на застапувачки пристапи и научени лекции, планирање застапувачки стратегии, заедничка проценка на контекстуалните предизвици и промените постигнати преку поддршката од Фондот.
Здружение за унапредување на родовата еднаквост Акција Здруженска – Скопје