Седма годишна средба на Женски кружок

Женски кружок

Осумдесет и три жени од 55 рурални и урбани заедници и 12 партнерски женски организации, во периодот од 4 до 6 јули беа дел од годишниот Женски кружок во Струга, кој се одржа седми пат по ред. Под мотото „Вткаена женска визија“, целта на годинашната средба беше градењето заедништво, преку изработка на креации со пораки и преку разговори за женската солидарност и вредностите кои ги движат активистките во остварување на правата на жените и еднаквоста.

На првиот ден, жените развиваа креативни рачни изработки, преку кои испраќаа пораки за промените кои им ги посакуваат на жените. Зборуваа и за солидарноста, под која подразбираат помагање, поддршка, заедништво, помош, грижа и човечност.

На вториот ден, учесничките, преку мали групни дискусии, ги дискутираа и приспитуваа сопствените и општоприфатените принципи и вредности што ги движат како активистки, споделувајќи формални и неформални дискриминациски практики врз жените и начините на кои можат поединечно или во заедништво со други жени, солидарно да ги надминуваат.

Во рамки на годишната средба на Женски кружок, претставничките на локалните женски организации ги споделија добри вести за позитивните промени во местата во кои живеат, односно нешта кои се производ на нивниот женски активизам.

Некои од позитивните промени кои жените ги издејствувале со своето застапување, во периодот помеѓу два кружоци, беа исчистен смет, добиена просторија за женски состаноци, обезбедена чиста вода за пиење.

Тие зборуваа и за предизвиците со кои се соочуваат, а на кои жените се фокусирани да се решат, а главните од нив немањето вода за пиење, проблемот со нередовен превоз.

Во една од последните сесии, жените споделија прашања и стратегии за иднo застапување и визии за промени, кои ќе ги споделат на следниот Женски кружок.