Катерина Селамовска од Акција Здруженска, беше избрана меѓу повеќе од 5.000 апликанти за учество на престижната Летна школа „Жени, мир и безбедност 2025“, што се одржа од 22 до 26 септември во Сараево, Босна и Херцеговина.
Програмата, организирана од Универзитетот во Сараево – Факултетот за криминалистика, криминологија и безбедносни студии, со поддршка на ОН, имаше за цел да ги зајакне знаењата и вештините на младите професионалци и студенти од регионот во областите на родовата еднаквост, безбедноста, изградбата на мирот и трансформацијата на постконфликтните општества.
Летната школа се заснова на Агендата за жени, мир и безбедност (Резолуција 1325 на Советот за безбедност на ОН) и Агендата за млади, мир и безбедност (Резолуција 2250) и опфаќа теми како што се родово базирано насилство, инклузивни мировни процеси, учество на младите и реформа на безбедносниот сектор.
,,Имав чест да бидам избрана и да бидам дел од оваа иницијатива која обединува млади лидери и експерти од целиот регион. За мене ова беше можност да учам, да споделам искуства и да ја продлабочам својата посветеност на промовирањето на еднаквоста, правдата и мирот”, изјави Селамовска.
Програмата е поддржана од Обединетите нации во Босна и Херцеговина и Албанија, во рамки на иницијативата #WomenLeadBiH спроведена од UN Women БиХ, IOM БиХ и UNFPA БиХ во партнерство со Министерството за човекови права и бегалци на БиХ, со поддршка на Фондот за мир на Генералниот секретар на ОН (PBF), и како дел од регионалната програма #Y4IET предводена од УНДП Србија, во соработка со UN Women Албанија.





