Извршната директорка на Акција Здруженска, Марија Савовска, се обрати на сесијата „Паметно финансирање за еднаквост: Напредување кон правични и инклузивни можности“, што се одржа на 2 октомври во Истанбул, во рамки на MARUF x Forum of Women Mayors in South-East Europe.
Сесијата, организирана во соработка со NALAS и UN Women, беше фокусирана на тоа како јавните буџети и финансиските алатки можат да се трансформираат под водство на градоначалнички, за да ја поддржат политиката заснована на еднаквост.
Во своето обраќање, Савовска сподели позитивни примери од неколку општини во Северна Македонија, кои покажуваат дека, кога жените се прашани за нивните потреби, се создаваат одржливи решенија со силен ефект врз целата заедница.
Таа потенцираше дека основните услуги, како јавен превоз, градинки и женски центри, не само што го подобруваат секојдневието на жените, туку поттикнуваат економски развој и подобар живот за сите.
„Затоа општините треба да инвестираат во жените и да ги вклучат во процесот на одлучување – тие знаат како тоа треба да се изведе“, порача Савовска.





