Платформата за родова еднаквост, од која дел е и Акција Здруженска, изразува длабока загриженост за начинот на кој дел од медиумите известуваа за трагичниот случај со младата студентка од Косово, пронајдена мртва во Тетово на 5 ноември.
Наместо професионално и одговорно известување, усогласено со етичките стандарди и родово-сензитивните принципи, сведоци сме на објави кои користат сензационализам, шпекулации и сексистички јазик. Во дел од нив беше откриен идентитетот на девојката и беа споделени нејзини фотографии – пракса што претставува сериозно прекршување на Кодексот на новинарите на С. Македонија, кој јасно ја обврзува новинарската професија на заштита на приватноста, почитување на достоинството и избегнување на предрасуди и стереотипи.
Посебно го осудуваме јавниот настап на новинарот Невриј Адеми во емисијата на „Клан Косова“, каде што беа изнесени непотврдени тврдења и сугестии за употреба на дрога од страна на жртвата, како и коментарите дека била „многу активна“. Ваквите изјави не само што се непрофесионални и без докази, туку и ја репродуцираат опасната култура на обвинување и стигматизирање на жртвите, што претставува форма на двојна виктимизација и родова дискриминација.
Дополнително, загрижувачки е и нападот што истиот новинар јавно го упати кон новинарката и родова активистка Рита Бегадини, по нејзината реакција на ваквото известување. Овие јавни обиди за дискредитација, проследени со сексистички навреди, претставуваат сериозен облик на родово засновано вознемирување и се целосно неприфатливи во медиумскиот простор.
Неетичкото известување во случаи на насилство, трагедија или смрт го нарушува достоинството на жртвата, им нанесува дополнителна болка на блиските и ја поткопува довербата во медиумите. Родово-сензитивното новинарство не е прашање на избор, туку на професионализам, човекови права и општествена одговорност.
Ги повикуваме медиумите и новинарите да ги почитуваат професионалните стандарди и Кодексот на новинарите, да избегнуваат сензационализам и шпекулации, да не ја повторуваат опасната практика на обвинување на жртви и да известуваат со почит кон достоинството на жените и девојките.
Го повикуваме Советот за етика во медиумите и Здружението на новинарите на Македонија да покренат постапки против медиумите и новинарите кои ги прекршиле етичките стандарди.
Јавноста ја повикуваме на солидарност и почит кон семејството на девојката, без дополнително ширење на шпекулации и стереотипи.
Платформата за родова еднаквост ќе продолжи да ги следи медиумските објави и да реагира секогаш кога е нарушено достоинството на жените и девојките во јавниот простор.





