Со поддршка на Акција Здруженска и „Филиа ди фрауенштифтунг“, женскиот глас станува акција

Од препознавање на проблемите во сопствената заедница, преку собирање информации и зајакнување на знаењата, до јасно дефинирани барања и планови за застапување, жените од различни локални и рурални средини продолжуваат да го зајакнуваат својот глас и своето учество во процесите на локално одлучување. Преку поддржаните иницијативи на грантистичките организации, со поддршка на Акција Здруженска и Filia die frauenstiftung, жените во повеќе заедници добиваат простор и алатки да зборуваат за прашањата што директно го засегаат нивниот секојдневен живот, но и да преземаат конкретни чекори за нивно решавање.

Инструктажата на жени од две нови локации во Прилеп – Кадино село и Мало и Големо Коњари, во организација на ЛАГ Агро Лидер

Во изминатиот месец, во Прилеп, во организација на ЛАГ Агро Лидер, жените од Кадино Село и Мало и Големо Коњари поминаа низ процес на инструктажа за следење и застапување на потребите на жените во своите заедници. Десет учеснички ги зајакнаа знаењата за работата на локалната самоуправа, стекнаа практично искуство во анкетирање и ја унапредија комуникацијата со други жени за прашања од заеднички интерес. Преку анкетирањето се обезбедени и повратни информации за тоа, колку жените се информирани за работата и буџетот на локалната самоуправа, колку се задоволни од услугите во областите во надлежност на Општината и кои прашања ги сметаат за важни за нивно поголемо вклучување во локалните процеси.

 

Активности на Иницијатива за граѓански интеграции ИГИ Гостивар

Во Гостивар, во организација на Иницијативата за граѓански интеграции ИГИ, пак, фокусот беше ставен на еден од клучните предуслови за достоинствен и еднаков живот, пристапот до здравствена заштита. На обуката за феминистичко застапување, реализирана во рамки на проектот „Не е привилегија, е право: Жените од Гостивар за достоинствена здравствена заштита“, десет активистки и претставнички на локални женски иницијативи работеа на тоа како еден проблем да се претвори во конкретно и мерливо барање. Преку анализа на причините и последиците од ограничениот пристап на жените од руралните средини до гинеколошка заштита, учесничките мапираа кој носи одлуки, кои институции и организации можат да бидат сојузници и како да се воспостави директна комуникација со нив. Но, наместо процесот да заврши со стекнато знаење, тој продолжи со конкретен план за дејствување. Учесничките подготвија Акциски план за застапување, со дефинирани барања, носители на одлуки, рокови, активности и показатели за успех. Меѓу барањата се редовни мобилни гинеколошки услуги во руралните месни заедници, подобра покриеност со матични гинеколози и дополнителни термини за жените од руралните средини, како и воспоставување механизам за следење на пристапот до гинеколошка заштита. Двете активности, иако се реализираат во различни локални средини и се фокусираат на различни потреби, ја покажуваат истата суштинска промена: жените не се само кориснички на услуги и политики, туку стануваат активни учеснички во нивното креирање и подобрување.

 

Од активностите на Организација на жени во општина Св. Николе

Во Свети Николе, пак, во организација на Организација на жени на општина Св. Николе, два дена во фокусот беше ставено личното зајакнување и развивањето на вештини за активно учество и застапување. Во текот на дводневната обука, учесничките разговараа за односите, личните граници, родовите стереотипи и асертивноста, но и за значењето на сопствениот глас во заедницата. Преку интерактивен пристап, размена на искуства и отворени разговори, тие добија нови перспективи и алатки за препознавање на сопствената моќ и нејзино користење за иницирање промени во средината во која живеат.

 

Акција Здруженска, со поддршка на Filia die frauenstiftung, објави повик за доделување финансиска поддршка на локални женски организации, групи и активистки кои работат на унапредување на родовата еднаквост, зајакнување на женското движење и создавање општество без насилство, дискриминација и нееднаквости.