Платформата за родова еднаквост остро реагира на две неодамнешни судски одлуки, оценувајќи дека тие испраќаат „опасна и нечовечна порака“ до жените жртви на насилство и ја поткопуваат довербата во институционалната заштита.
Реакцијата следува по пресудата со која жена од Кратово беше осудена на седум и пол години затвор за убиството на сопругот и свекорот. Во текот на судската постапка биле презентирани наоди дека жената повеќе од десет години била изложена на континуирано физичко и психичко насилство, а институциите не обезбедиле соодветна заштита. Дополнително, стручните вештачења укажувале на сериозни психолошки последици и траума како резултат на долгогодишното насилство.
Вториот случај на кој се осврнува Платформата, се однесува на лице вработено како обезбедување на премиерот, кое добило условна осуда за насилство врз сопругата. Според информациите, насилството вклучувало физички напад и давење во присуство на нивното малолетно дете.
Од Платформата оценуваат дека овие одлуки не се само судски пресуди, туку и институционални пораки кои испраќаат сигнал дека насилниците можат да поминат со поблаги санкции, додека жртвите се соочуваат со најтешките последици.
„Таква правда не е правда. Тоа е институционално насилство“, наведуваат оттаму, додавајќи дека судовите не смеат да го игнорираат контекстот на долгогодишното семејно и родово базирано насилство, ниту пак, да ги занемаруваат траумата, стравот и институционалните пропусти со кои се соочувале жртвите.
Во реакцијата се поставуваат и прашања за одговорноста на институциите, вклучително и полицијата, центрите за социјална работа, обвинителството и судовите, кои, според Платформата, не успеале навреме да интервенираат и да обезбедат заштита.
Оттаму предупредуваат дека во услови на зголемен број случаи на фемицид и тешко насилство врз жени, ваквите пресуди можат дополнително да ги обесхрабрат жртвите да пријавуваат насилство и да побараат помош.
Платформата бара од судовите и обвинителството секој случај на семејно и родово базирано насилство да се разгледува низ родова перспектива, со целосно разбирање на траумата, принудната контрола, заканите и зависноста во кои живеат жртвите. Воедно, бара и одговорност од институциите кои не постапиле навремено.
„Правдата не смее да биде построга кон жртвата отколку кон насилникот и не смее да чека жена да биде убиена за да ја препознае како жртва“, порачуваат од Платформата за родова еднаквост.





