Жените од руралните средини сè уште се соочуваат со бројни пречки за активно учество во општествениот живот и во процесите на донесување одлуки на локално ниво. Нивната улога честопати се сведува на земјоделството и грижата за семејството, а нивните потреби, идеи и иницијативи остануваат недоволно препознаени во креирањето на локалните политики. Токму надминувањето на овие бариери и охрабрувањето на жените да станат активни чинителки на промените во своите заедници се во фокусот на проектот „Жените го преземаат водството во локалните заедници“.
Во рамки на проектот, во повеќе локални заедници низ земјата се организираат дебати и средби на кои жените имаат можност отворено да зборуваат за предизвиците со кои се соочуваат, да ги идентификуваат своите приоритети и да предлагаат решенија за подобрување на квалитетот на животот во средините во кои живеат. Претставничките на граѓанските организации посочуваат дека, покрај системските пречки, неопходно е да се работи и на мобилизација, охрабрување и градење доверба кај жените, со цел тие поактивно да учествуваат во процесите на одлучување.
„Најпрвин треба да ги мобилизираме, да ги активираме, да стекнеме меѓусебна доверба, но исто така понатаму самите тие да си ги искажат своите проблеми и приоритети, да предложат потенцијални решенија за кои сметаат дека се најсоодветни за нив и за нивното место на живеење. целта е преку застапување и лобирање, барањата и иницијативите на жените да стигнат до општинските власти и надлежните институции, а истовремено да се воспостави посилна комуникација меѓу локалната самоуправа и руралното население.“, истакна Даниела Цветаноска од ЛАГ АГРО ЛИДЕР.
На потребата од воспоставување достапни и функционални механизми за граѓанско учество укажа и Рената Стаменовска Јанчиќ од Хуманитарното здружение „Мајка“ од Куманово, која кажа дека во моментов според податоците кои ги има, покажуваат дека жените, особено оние од руралните средини, не се доволно вклучени во овие процеси за да се слушнат нивните иницијативи. Според неа, механизмите за граѓанско учество треба да бидат редовни, достапни на жените од руралните средини и тие кога ќе поднесат некој предлог или иницијатива, треба да добијат повратна информација за она што се случува понатаму.





