„И јас сакам да перам во машина“, порака од Соња Радојковиќ за условите за живот на жените

„И јас сакам да перам во машина“ е пораката што Соња Радојковиќ ја испрати од Собранието на Република Северна Македонија, каде што за првпат имаше можност да зборува за проблемите со кои се соочуваат жените во нејзината локална заедница. Зад оваа навидум едноставна порака се крие секојдневната реалност на жените во руралните средини, за кои пристапот до вода и основните услови за живот сè уште претставуваат сериозен предизвик.

При посетата на Собранието, Радојковиќ не само што ги сподели проблемите на жените од својата заедница, туку остави и симболична порака преку своја ракотворба, која ќе биде поставена на ѕид во законодавниот дом. На овој начин, нејзината порака ќе продолжи да потсетува на потребата од подобрување на животните услови во руралните средини и на важноста од слушање на гласот на жените при креирањето на јавните политики.

Нејзината приказна потсетува дека пристапот до вода и основните услуги не смее да биде привилегија, туку предуслов за достоинствен живот. Истовремено, таа ја нагласува важноста од создавање простор во кој жените од руралните заедници ќе можат директно да ги претстават своите потреби пред носителите на одлуки и да придонесат кон позитивни промени во своите заедници.

 

Акција Здруженска, со поддршка на Filia die frauenstiftung, објави повик за доделување финансиска поддршка на локални женски организации, групи и активистки кои работат на унапредување на родовата еднаквост, зајакнување на женското движење и создавање општество без насилство, дискриминација и нееднаквости.