Работна средба во Куманово: Граѓанските проблеми со вода, воздух и превоз ставени на маса пред институциите

Во oпштина Куманово неодамна се одржа работна средба помеѓу активистки од локалните заедници и претставници на институциите, на која беа отворени клучни прашања што директно влијаат врз квалитетот на живот на граѓаните.

На средбата присуствуваа претставници од единиците на локалната самоуправа, советнички групи, како и вршителот на должност директор на ЈП „Водовод“ и раководител од АД „Водостопанство“. Разговорите се темелеа на податоци собрани од теренските активности во селата Пчиња и Романовце, каде граѓаните укажале на сериозни предизвици. Меѓу главните проблеми беа истакнати отежнатиот пристап до чиста вода, прашањата поврзани со квалитетот на воздухот, како и недоволно развиениот јавен превоз. Дополнително, беше отворено и прашањето за одржување на покрајпатната инфраструктура во село Романовце, каде атмосферските води се акумулираат и создаваат проблеми за локалното население. За ова, беше нагласена потребата од редовно и системско институционално одржување. Учесниците истакнаа дека станува збор за основни услови за достоинствен живот, а не за изолирани случаи. Преку директен дијалог со институциите, беа поставени конкретни барања со очекување за долгорочни и одржливи решенија.

Активноста е дел од проектот „Жените го преземаат водството во локалните заедници“, финансиран од Европската унија и кофинансиран од Шведска, а го имплементира фондацијата „Kvinna till Kvinna“ во партнерство со „Акција Здруженска“ и Хуманитарното здружение „Мајка“ од Куманово.