Акција Здруженска ја започнува кампањата Жените прашуваат! со
која по втор пат ќе го одбележи МЕСЕЦОТ на правата на македонските жени, наместо
8 март како ДЕН кога ова прашање привлекува некакво внимание во јавноста.
До жените од Скопје, Куманово, Битола, Велес и Тетово, ќе
бидат дистрибуирани 30 000 поштенски картички на кои се наоѓа листа на услуги
преку кои родовата еднаквост е дефинирана низ конкретни потреби за чие
задоволување е надлежна или може да помогне локалната самоуправа.
Клучното прашање е КОГА жените ќе ги добијат овие услуги, кои
се само навидум подеднакво важни за сите граѓани, а кои или ги нема, или се
недоволни, или пак се скапи и жените не можат да си ги дозволат. Обезбедувањето
на овие услуги, кои за жените значат поинакво секојдневие и поголеми можности,
во најголем дел од општините не се приоритет (освен на декларативно ниво) и за
нив никогаш нема доволно ресурси.
Кампањата е во функција на информирање и поттикнување на
жените да почнат да ги бараат основните предуслови за остварување на нивните
права, кои ги имаат на хартија, но не и во пракса.
Кампањата е дел од активностите на проектот на Акција
Здруженска „Родова еднаквост е секојдневна потреба“, поддржан од Проектот на
УСАИД за граѓанско општество, спроведуван од Фондацијата Отворено општество –
Македонија.