Акција Здруженска, со поддршка на Filia die frauenstiftung, објави повик за доделување финансиска поддршка на локални женски организации, групи и активистки кои работат на унапредување на родовата еднаквост, зајакнување на женското движење и создавање општество без насилство, дискриминација и нееднаквости.
Во рамки на повикот е обезбеден фонд од 87.000 евра, а ќе се доделуваат грантови во максимален износ до 7.000 евра. Поддржаните проекти ќе се реализираат во периодот од 15 јуни 2026 до 28 февруари 2027 година.
Право на учество имаат организации кои во своето раководство и вработени претежно вклучуваат жени, чија мисија е насочена кон унапредување на правата на жените и родовата еднаквост, како и организации кои имаат претходно искуство во локално застапување и активизам.
На повикот можат да учествуваат и нерегистрирани групи или колективи, ако аплицираат во партнерство со регистрирана организација.
Повикот опфаќа седум тематски приоритети:
- Лидерство кај девојки и млади жени;
- Учество на жените во јавниот живот и процесите на одлучување;
- Економска независност на жените;
- Сексуални и репродуктивни права и здравје;
- Политики за родова еднаквост;
- Кампањи и акции за мобилизација на заедниците;
- Феминистичко создавање знаење преку истражувања, подкасти, видеа и други едукативни содржини.
Проектите треба да демонстрираат феминистички и интерсекционален пристап, со активно вклучување на жените, девојките и маргинализираните групи како носители на промени во заедницата.
Нема да се поддржуваат активности поврзани со политички партии или верски заедници, комерцијални и профитни активности, како и едукации без застапувачка цел.
Предност при евалуацијата ќе имаат феминистички организации, иницијативи што работат со ранливи групи жени, организации предводени од жени и активности насочени кон мобилизација на локалните заедници.
Апликациите треба да се достават електронски, на адресата [email protected], најдоцна до 25 мај, 2026 година. Потребно е да се достават: пополнета апликација, буџет, тековна состојба, биографии на персоналот, статут и последен годишен извештај на организацијата.
Резултатите од повикот ќе бидат соопштени на 15 јуни 2026 година, кога ќе започне и потпишувањето на договорите за грант.
Повеќе детали има во повикот подолу.





