Oсма годишна средба на Женски кружок – простор за учење, поврзување и заедничко креирање промени

Во периодот од 26 до 28 јуни годинава, во Струга се одржа традиционалната годишна средба на Женски кружок, најзначајниот годишен настан на Акција Здруженска, кој ги обедини жените од локалните женски кружоци од различни делови на земјата.

Во текот на тридневната програма, учесничките имаа можност да разменат искуства, да учат една од друга и заеднички да размислуваат за предизвиците со кои се соочуваат жените во своите заедници, како и за можните начини за нивно надминување. Работниот дел започна со активности за меѓусебно запознавање и градење доверба, по што следуваа креативни работилници на кои учесничките преку цртање и везење на текстилни торби испратија силни пораки за женската солидарност, еднаквоста и охрабрувањето. На крајот од активноста, торбите беа разменети меѓу учесничките како симболичен подарок и траен спомен од средбата, но и како потсетник на новите пријателства и заедничките вредности што ги поврзуваат.

Во фокусот на програмата беа и работилниците посветени на препознавање на родовите стереотипи, предрасуди и непишани правила што влијаат врз секојдневниот живот на жените. Преку дискусии во мали групи, учесничките ги анализираа личните искуства, ги преиспитуваа општествените очекувања и разговараа за начините на кои можат да придонесат кон создавање поинклузивни и поправедни локални заедници. Последниот ден беше посветен на рефлексија и поглед кон иднината. Жените ги сумираа научените лекции, ги споделија промените што ги препознаваат кај себе, во локалните кружоци и во своите заедници, како и визијата за понатамошниот развој на Женските кружоци. Преку заедничка дискусија беа дефинирани темите и приоритетите кои ќе бидат во фокусот на идните активности.

Годишната средба уште еднаш потврди дека женските кружоци се многу повеќе од место за разговор. Тие се простор каде што жените се охрабруваат, се поврзуваат, учат, создаваат и градат мрежа на меѓусебна поддршка, која придонесува за позитивни промени и поголемо учество на жените во локалните заедници. Акција Здруженска останува посветена на јакнењето на Женските кружоци како безбедни и инспиративни простори во кои секоја жена може да го препознае сопствениот потенцијал, да го зајакне својот глас и активно да придонесе кон создавање поправедно и поеднакво општество.

Акција Здруженска, со поддршка на Filia die frauenstiftung, објави повик за доделување финансиска поддршка на локални женски организации, групи и активистки кои работат на унапредување на родовата еднаквост, зајакнување на женското движење и создавање општество без насилство, дискриминација и нееднаквости.