Неплатената грижа излегува на површина, жените бараат системски промени

Неплатената грижа за деца, стари лица и лица со попреченост, која најчесто паѓа на товар на жените, останува недоволно препознаена во локалните политики. Токму поради тоа, ЛАГ Агро Лидер ја започна иницијативата „Жените прашуваат – нашата грижа е видлива“, чија цел е да ја истакне важноста на ова прашање и да поттикне институционални промени.

Преку иницијативата се собираат лични приказни и сведоштва од жени од заедницата, со цел да се долови реалната слика за предизвиците со кои се соочуваат во секојдневието. Воедно, предвидено е организирање јавен форум со претставници на локалната самоуправа, каде што ќе се отвори дијалог за потребите и можните решенија.

Како дел од активностите, ќе бидат подготвени и конкретни предлози и мерки, меѓу кои воспоставување дневни центри, развој на услуги за грижа и поголема поддршка за семејствата. Дополнително, ќе се спроведе онлајн кампања и ќе се упати отворено писмо со цел зголемување на отчетноста на надлежните институции.

Организаторите нагласуваат дека нивната цел е јасна – неплатената грижа да стане видлива, вреднувана и системски поддржана. Тие упатуваат повик до сите жени да ги споделат своите искуства и да придонесат кон создавање политики што ќе одговорат на реалните потреби на заедницата.