Масовна посетеност на маршот по повод 8 Март

Стотици граѓанки и граѓани присуствуваа на годинашниот марш, кој се одржува традиционално по повод 8 Март. Со десетици транспаренти „Камерите гледаат, институциите мижат“, „Насилникот дома, а жртвата да бара засолниште?“, „Трпи си, пријави си, умри си“, „Пресуда: Виновни сте за соучество во злосторство“, „Safe city, Unsafe Women“, жените испратија порака дека во ова општество жената е небезбедна и дека борбата за достоинство, слобода и безбедност продолжува.

Фокусот годинава беше ставен на семејното насилство, поради последниот случај на долгогодишно семејно насилство, во кој животите ги загубија мајката Ивана и нејзината ќерка Катја. Присутните бараа правда за нив, но и за Росица, за Рамајана и за сите жртви на фемицид.

Маршот започна од паркот „Жена Борец“, а заврши пред постаментот на македонската партизанка Вера Јоциќ, чија биста ја нема бидејќи беше украдена лани во декември, а нова не е се уште поставена. Присутните положија цвеќе пред постаментот за да се заблагодарат за сите паднати борки што си го посветиле животот на женската слобода.

„Во ова општество жената е најнебезбедна токму онаму каде што ѝ е местото – дома. Ова општество ги учи мажите дека имаат надмоќ, дека жените се нивна сопственост и имаат право да ги поседуваат, контролираат па дури и да одземат нашите животи. Со години маршираме и се бориме за достоинство, слобода, безбедност, превенција, заштита и живот без страв. И оваа година ќе маршираме и со пркос кон културата на насилство ќе порачаме – Нема да нè снема. Нема оправдување, нема затајување, нема заборавање“, порачаа организаторките на маршот.