Активистки од локалните женски кружоци, во Велес ги јакнеа знаењата за човековите права и застапувањето

Жени од локалните женски кружоци, неодамна во Велес учествуваа на дводневна работилница за градење на нивните капацитети и зајакнување на нивното учество во локалните заедници. Во текот на работилницата тие разговараа за човековите права, нивното значење и принципите врз кои се засноваат, но и за правата на жените и развојот на движењето за нивно унапредување. Преку работа во мали групи, интерактивни вежби и размена на искуства, учесничките имаа можност да ги препознаат различните форми на прекршување на правата на жените и да разговараат за ситуации со кои се соочуваат во секојдневието.

Посебно внимание беше посветено на препознавањето на проблемите во сопствените заедници и на тоа како личното искуство и знаење може да се претвори во иницијатива за промена. Вториот дел од работилницата беше посветен на застапувањето и можностите за влијание врз јавните политики. Учесничките избираа прашања за кои сакаат да се застапуваат, работеа на подготовка на застапувачки придонес и преку игра на улоги вежбаа застапување пред различни институции. Работилницата заврши со евалуација и заедничко согледување на наученото, со порака дека познавањето на сопствените права е важен чекор кон поголемо учество и промени во заедницата.

Акција Здруженска, со поддршка на Filia die frauenstiftung, објави повик за доделување финансиска поддршка на локални женски организации, групи и активистки кои работат на унапредување на родовата еднаквост, зајакнување на женското движење и создавање општество без насилство, дискриминација и нееднаквости.