Жените од руралните средини бараат поголемо учество во локалното одлучување во Делчево

Поголемо и поактивно учество на жените, особено на жените од руралните средини, во процесите на локално одлучување беше во фокусот на јавната дебата „Женско лидерство како огледало на заедницата“, организирана од организацијата Жена oд Делчево.

Дебатата отвори простор за искрен разговор за секојдневните потреби и предизвици со кои се соочуваат жените, но и за нивните идеи, иницијативи и можности за поголемо учество во развојот на локалната заедница. Учесничките споделија свои искуства, предложија идеи и изразија подготвеност активно да придонесуваат во своите заедници, истакнувајќи ја важноста нивниот глас да биде слушнат и земен предвид при носењето одлуки. Како една од важните потреби беше издвоено воспоставувањето дополнителни и пофункционални механизми за редовна соработка и консултација меѓу жените и Општина Делчево. Според учесничките, ваквите механизми би овозможиле нивните предлози и иницијативи навремено да стигнат до локалните институции и да бидат вклучени во процесите на планирање и одлучување.

Јавната дебата беше можност жените од различни средини да ги споделат своите перспективи и да разговараат за тоа како нивното поголемо учество може да придонесе кон заедници во кои локалните политики и одлуки подобро ги одразуваат реалните потреби на граѓанките.

Акција Здруженска, со поддршка на Filia die frauenstiftung, објави повик за доделување финансиска поддршка на локални женски организации, групи и активистки кои работат на унапредување на родовата еднаквост, зајакнување на женското движење и создавање општество без насилство, дискриминација и нееднаквости.