ЗОШТО ДА СЕ ПОВЛЕЧЕ ПРЕДЛОГ ЗАКОНОТ ЗА ПРЕКИНУВАЊЕ НА БРЕМЕНОСТА?

Предлог законот задира во основните слободи и права и според
тоа претставува сложен и обемен закон и не смее да се носи во скратена постапка.

Предлог законот за прекинување на бременоста ја
укинува/брише досегашната одредба на слободен избор на жената за прекин на
бременоста до 10 гестациска недела преку воведување на рестрикциони
механизми кои не се базирани на научни сознанија и медицина-базирана на докази
ниту во согласност со постојните медицински насоки за прекинување на бременоста
дефинирани од страна на Светската Здравствена Организација поради следниве
одредби:

доставување на писмено барање од страна на жената за прекин на
бременоста,

давање писмена согласност за интервенцијата од страна на жената,

задолжително пред-абортус советување,

известување на брачниот партнер,

поставување на задолжително време за чекање од 3 дена по советувањето
за да може да се изведе интервенцијата,

доставување на потврда од гинеколог-специјалист

Одредбите во член 6 од предлог законот за прекинување на
бременоста за барање до 10 недела се во колизија со член 2 од предлог
законот кој дефинира дека за прекинување на бременоста слободно одлучува жената,
што претставува повреда на одредбите од уставот и загарантираните слободи и
права како и меѓународните договори ратификувани од страна на Република
Македонија.

Одредбите од Предлог законот утврдуваат нова надлежност на
министерот за здравство да донесува одлуки за:

подготовка на форматот за писмено барање за абортус,

воспоставување на акти за советување и клинички протоколи,

формирање на првостепени комисии во здравствените институции

Со ова се нарушува автономноста и се деградира
способноста/капацитетите на здравствените установи задолжени да ја вршат оваа
дејност особено што абортусот во законот се дефинира како медицинска
интервенција и со тоа експертизата треба да лежи во професионалниот кадар и
здравствените установи и медицинската фела (лекарска комора).

Формирањето на комисија во здравствената установа од страна
на министерот дополнително ќе ја бирократизра процедурата за жената која поднела
барање, а индиректно министерот ќе биде во улога на одлучувач дали на жената да
и се прифати барањето или не.

Високи парични казни како и воведување на мерка затвор за докторите кои не се
придружуваат до одредбите во овој закон дури за процедури кои не се
животно-заканувачки (водење евиденција, известување на партнер) не
соодветствуваат со казните при изведување на други медицински интервенции, а
дополнително го руши дигнитетот на лекарите и самата професија.