Жените од Здружението Радика-ДЕ од Дебар и огранокот во Центар Жупа го пречекаа амбасадорот на Кралството Шведска, Ола Солстром, кој заедно со својот тим го посети Женскиот центар во Центар Жупа. Посетата беше можност амбасадорот одблизу да се запознае со работата на жените, нивните секојдневни активности, предизвиците со кои се соочуваат, како и со потребите и можностите за нивна економска активација.
Во рамки на посетата беа претставени традиционални ракотворби, рачно изработен накит, производи од шумски плодови и природни чаеви, создадени од локалните жени. Гостите имаа можност да дегустираат и традиционални специјалитети подготвени од жените од регионот, преку кои беа претставени локалната традиција и културното наследство на Дебар и Центар Жупа.
Посетата претставуваше можност за размена и охрабрување на жените во нивните заложби за поголема економска самостојност и активно учество во развојот на локалната заедница. Интересот и поддршката од шведскиот амбасадор и неговиот тим се значајно признание за нивниот труд, знаење и придонес, но и поттик за отворање нови можности за жените од локалните и руралните средини.





