Во организација на Женска акција Радовиш, на отворениот простор пред ЗПОРК Радовиш се одржа средба со граѓанки од општина Радовиш во рамките на проектот „Зајакнување на жените за користење на општинските е-услуги“. Настанот овозможи непосредна комуникација помеѓу жените и претставник од ЕЛС Радовиш, при што беа презентирани електронските услуги што ги нуди општината, нивната достапност и начинот на нивно користење.
Преку отворена дискусија, учесничките поставуваа прашања, ги споделија своите искуства и предизвици со користењето на е-услугите, а добија и практични информации и насоки кои ќе им помогнат полесно и посигурно да ги користат електронските услуги. Во текот на разговорот, жените нагласија дека постои потреба од поголемо информирање на јавноста, како и организирање практични обуки што ќе придонесат за развивање на нивните дигитални вештини и поголема самодоверба при користењето на општинските е-услуги. Нивните предлози и препораки претставуваат важен придонес во процесот на унапредување на услугите и нивно подобро прилагодување на потребите на жените.
Проектот „Зајакнување на жените за користење на општинските е-услуги“ се реализира во рамките на проектот „Жените го преземаат водството во локалните заедници“, кој го имплементираат Акција Здруженска, The Kvinna till Kvinna Foundation и Хуманитарно здружение „Мајка“ – Куманово, со финансиска поддршка од Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија и Амбасадата на Шведска во Скопје.





