Активистки од женските кружоци од струмичкиот регион спроведоа иницијатива насочена кон поттикнување на поинклузивни општини, во кои потребите и приоритетите на жените ќе бидат подеднакво препознаени и вреднувани. Преку оваа акција, тие упатија јасна порака за унапредување на статусот, положбата и улогата на жените во заедницата.
Целта на иницијативата е да се зголеми учеството на жените во процесите на планирање и донесување одлуки на локално ниво, како и да се поттикне поширока јавна дебата за родовата еднаквост во општините. Во рамки на активноста беше поставена симболична инсталација, која повикува на сојузништво, еднакво учество и заедничко одлучување, вредности кои се сметаат за темел на демократски и одржливи локални заедници.
Организаторите порачаа дека само преку заеднички напори може да се изградат општини во кои гласот на жените е слушнат, почитуван и активно вклучен во креирањето на јавните политики. Активноста е реализирана со поддршка на The Kvinna till Kvinna Foundation, Акција Здруженска и ХЗ Мајка, со финансиска поддршка од Европската Унија и кофинансирање од Шведска.





