Жените од Свети Николе и руралните средини, неодамна на јавна дебатa разговараа за своите потреби, искуства и предизвици, како и за можностите за нивно поактивно учество во носењето одлуки на локално ниво. Во разговорот со претставници на локалната самоуправа беше истакнато дека учеството на жените треба да биде реален дел од локалните процеси, а не само формална можност.
Во фокусот беа механизмите преку кои граѓаните можат да се вклучат во локалното одлучување – од навремено информирање и консултации, до директно учество во утврдувањето на локалните приоритети и креирањето решенија. Жените посочија дека се потребни достапни и функционални начини преку кои нивните предлози и потреби ќе стигнат до локалните институции.
Од дискусијата произлезе и потребата од континуиран дијалог меѓу локалната самоуправа и жените од руралните заедници. Нивното учество, како што беше истакнато, не треба да завршува со тоа што ќе бидат прашани за мислење, туку треба да им овозможи реално влијание врз одлуките и приоритетите што ја определуваат иднината на нивната заедница.





