Солидарноста останува темелна вредност на женските организациите и бранителките на женските права — вистина која беше повторена на годишниот мрежен состанок, што се одржа на почетокот на овој месец во Струга. Повеќе од 30 активистки од 20 организации се собраа за да се поврзат меѓусебно, да научат нови нешта и да ја зајакнат заедничката поддршка во време кога просторот за граѓанско делување станува сè понепријателски.
Оваа година средбата покрај вообичаеното споделување на искуства и рефлексии, вклучи компонента за развој на капацитетите, прилагодена на потребите на женските организациите и на бранителките на женските права.
Практичните сесии за сеопфатна безбедност, стратешко застапување и ефективна комуникација, се покажааа како критични области за одржување на нивниот активизам особено поради сè потесниот граѓански простор и зголемувањето на антидемократските наративи. Средбата вклучуваше сесии за проценка на ризици на индивидуално и организациско ниво, овозможувајќи им на активистките да ја мапираат својата ранливост и да разменат искуства и идеи за стратегии за превенција и заштита. Сесиите овозможија простор за дијалог и меѓусебно учење преку споделување на добри практики и предизвици.
Во текот на вториот и третиот ден, учесничките беа фокусирани на зајакнување на застапувачките практики. Преку комбинација на теорија и практична работа, активистките истражуваа како да изработат аргументирано подготвени и влијателни документи за јавни политики кои формулираат јасни пораки за застапување базирани на докази. Акцентот беше ставен на моќта на приказната и фактите во обликувањето на јавното мислење и влијанието врз носителите на одлуки.
Стратешката комуникација, посебно јавното говорење и комуникацијата со медиумите, беше уште еден клучен сегмент од програмата. Активистките разменуваа совети и добија практични насоки за тоа, како ефикасно да ги користат медиумските настапи за да ги засилат клучните пораки и работат на остварување на своите цели. Сесиите ги охрабрија учесничките да бидат јасни, самоуверени и целно ориентирани: да ја знаат својата порака, да ја разбираат својата публика и секоја прилика да ја користат за да се залагаат за сите жени, со сите нивни различности.
Средбата во Струга го потврди она што многумина жени од движењето веќе го знаат – активизмот напредува преку вмрежување и солидарност.
Во време кога граѓанското општество е под притисок, создавањето простор за рефлексија, раст и солидарност не е само важно, туку е неопходно.
Состанокот беше организиран од акцискиот тим, во синергија со проектот „Жените го преземаат водството во локалните заедници“, финансиран од Европската унија и ко-финансиран од Шведска, билатералната програма „Унапредување на демократијата и човековите права преку активно граѓанско општество во Северна Македонија“, финансирана од Шведска и глобалната програма „Зајакнување на мировните иницијативи за вклучување на заедницата“, финансирана од Шведска.





